Надвор од државата во текот на вчерашниот ден на лекување биле упатени 21 пациент и тоа во Литванија – 4 пациенти, Австрија – 2 пациенти, Словенија – 2 пациенти, Република Србија – 12 пациенти и Република Бугарија – 1 пациент.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера информираше дека пациентите генерално се во стабилна состојба, освен 20 пациенти, за кои рече дека се во критична состојба, притоа, нагласи дека сите пациенти кои биле во Кочани и Штип, се сместени во Скопје за третман на ниво на терцијарно здравство.
Министерот испрати апел до сите оние кои присуствувале на трагичниот настан во Кочани каде загинаа 59 лица, и не се пријавиле на лекар, да се пријават кај нивните матични лекари во болниците во Кочани или Штип, или пак во трите болници во Скопје.
– Да бидеме внимателни и да им се даде максимална медицинска поддршка. Тоа што зависи од нас е направено комплетно. Се надевам дека и земјите кои ни се пријатели и сакаат да ни помагаат ќе дадат максимум од себе. Болниците во Кочани и Штип остануваат без пациенти, како што беше стратегијата да ги повлечеме во Скопје за третман на ниво на терцијарно здравство, рече Таравари.
Околу 15 специјалисти од Белград и од Чешка нагласи дека се пристигнати во државава да помогнат за лекување на повредените во катастрофалниот пожар, а очекува да пристигнат и специјалисти од Израел кои ќе бидат распоредени по клиниките каде има потреба.
Од пациентите кои се во критична состојба, во текот на вчерашниот ден Таравари рече дека четворица ќе бидат испратени во Словенија, четворица во Хрватска, шестмина во Австрија и 12 во Србија.