БОРЧЕ ПАНОВ СО ТРИ НОВИ НАСЛОВИ: Поетот е оној кој ја преведува мудроста на вековите

Објавувањето на поетската книга со необичен наслов “Бријање балона„ (Бричење балон) избор од неговата поезија на српски јазик во издание на Удружење књижевника Србије беше и поводот за разговор со авторот за неговата поезија. Изборот го направи големиот српски поет и преведувач Душко Новаковиќ, кој за поезијата на Панов ќе рече “Ме привлече кај Панов тој негов “домашен„ – нашки надреализам…„

Познатиот македонски поет Борче Панов крајот на 2018 го одбележа со две свои нови збирки на поезија “Бријање балона“ (Бричење балон) и “Глочка школка“, а почетокот на 2019 со уште една преведена книга. Објавувањето на поетската книга со необичен наслов “Бријање балона“, избор од неговата поезија на српски јазик во издание на Удружење књижевника Србије беше и поводот за разговор со авторот за неговата поезија.

– “Бријање балона„ е избор од моето поетско творештво од неколку мои претходни книги. Изборот го направи големиот српски поет и преведувач Душко Новаковиќ. Тој сметаше дека треба пред српските читатели да ме претстави како редок поет од македонската и балканската современа поезија, кој во своите оригинални поетски кодови го кодирал својот необичен поетски израз близок до надреалистичката постапка на онеобичување на стварноста. Беше одушевен од еден наслов на една моја песна, но и од самата тема на песната “Бричење балон„. Кога му објаснив дека тоа всушност е нешто што е многу реално и е дел од вештините што треба да ги совлада чиракот – берберин за да научи да бричи, последниот тест кој мора да го совлада, тој уште повеќе беше шокиран и одушевен од мојата постапка да избирам специфични теми и да им давам универзални поетски пораки, кои имаат надреалистички образ, а всушност се многу реални нешта, вели Панов.

Новаковиќ избра и препеа седумдесетина песни на Панов во кои се застапени најразлични теми во чиј центар е човекот и светот, кој се движи кон својата пропаст, но сепак секогаш со интенција да се сетиме дека долгата еволуција не била само борба за опстанок туку и за човекување.

 

Убавините на созданијата
На прашањето што е она што го инспирира, Панов вели:

“Убавината на созданијата од постанокот на светот до денес, но и деструкцијата со која човештвото ја уништува таа убавина. Поетот е оној кој ја преведува мудроста на вековите и прататковците во Словото ….“, посочува Панов.

Самиот Новаковиќ за оваа книга пишува: “Ме привлече кај Панов тој негов “домашен“ – нашки надреализам, за кој е згодно да се употреби една одредница од Шкловски – онеобичување на стварноста, понекогаш дозиран само како детаљ -сегмент во поезијата на Борч,е што во најновата поезија се среќава или ретко, или никако, освен кога во прашање се некои од поетските фази на: Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Влада Урошевиќ, Славе Ѓорго Димоски, или во специфичниот ангажман на “укинатата хуманист“ во поезијата на Ристо Лазаров“…

Радомир Андриќ, почесен претседател на Друштвото на писателите на Србија и издавачот на “Бријање балона“ нагласува дека поезијата на Панов е “со потврден легитимитет на поетичките особености“. Тој нагласува дека со еден ваков поетски израз како што е поезијата на Панов “новата македонска поезија секако се сместува во контекстот на европската модерна поезија“.

 

Голите човечки животи
При крајот на 2018 излезе и најновата поетска книга од Панов “Глочка школка“, издание на Центарот за култура “Ацо Караманов“ од Радовиш.

– Таа содржи лирско-наративни прикази на голите човечки животи кои ги живеат вистински луѓе кои се инспиративни примери за од тоа да се создаде филозофијата на живеењето, вели Панов.

Деновиве, иста оваа книга на само неполни три месеци од своето излегување беше препеана на бугарски јазик од поетесата и преведувач – Наталија Димитрова. Книгата е објавена со насловот “Фотостихеза“ заради непреведливоста на насловот “Глочка школка” на бугарски јазик во изданиена “Либра скорп“ .

Го прашавме авторот која е пораката со која сака да допре до читателите. Ни одговори: “Да не престануваат да сонуваат, бидејќи во разбрануваното море на животот, сонот е оној пат, по кој бродот на срцето ни се упатува кон Ветената земја. Значи, една од пораките на мојата поезија е – бидете доволно храбри за да бидете среќни“.

Панов не застанува тука, како што ни кажа, во моментов работи на нова книга која, се занимава со единството на спротивностите. Тој е автор на 15 поетски книги од кои неколку преводни книги. Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и панорами на современата македонска поезија, како и во четириесетина антологии, алманаси и прегледи на светската, европската и балканската поезија. Преведуван е на повеќе јазици. Во 2016 излезе од печат двојазичниот избор од поезијата на Панов на бугарски и македонски јазик – “Честички хематите“, а во 2017 неговата поетска книга “Вдах” – на словенечки јазик. Автор е и на осум алтернативни драмски текстови. (Д.Т.)

Борче Панов– vecer.press

 



 





 




Погледнете повеќе

Повеќе информации