Хуманоста е една од главните димензии што го отсликуваат празникот. Обичајот е празникот прво да им се честита на најстарите, а потоа на другите. Бајрамот е, исто така, време на помирување на скараните
Верниците од муслиманска вероисповед во земјава ќе го слават Рамазан-бајрам.
Празникот се слави три дена и почнува токму по завршувањето на постите, со што се означува крајот на месецот рамазан, во кој муслиманите постеа, односно не јадеа и не пиеја ништо од изгрејсонце до зајдисонце.
Тоа е деветтиот месец во исламскиот календар и го означува почетокот на објавата на светата книга за муслиманите, Куранот.
Почит кон постарите и подароци за децата
Овој ден муслиманските верници го започнуваат со молитва во џамија. Потоа, обичајот е да одат на гробишта за да ги посетат гробовите на предците и на блиските. Кога сето семејство ќе се собере дома, почнува меѓусебното честитање на Бајрамот.
Обичајот е празникот прво им се честита на најстарите, а потоа на другите.
По честитањето во кругот на семејството се оди на честитање на постарите роднини и пријатели ако живеат во истиот град или село.
Помладите секогаш одат кај постарите.
На празникот најмногу се радуваат децата бидејќи добиваат голем број подароци, но и нова облека и играчки. Децата добиваат слатки кога и да заѕвонат на ѕвоното на кој било дом.
За славењето на денот се приготвуваат и се служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава).
Помош за сиромашните и осамените
За празникот се испраќаат пораки полни со солидарност и со изрази на морална помош. Овој ден е и повод да се истакне почит и сочувство кон муслиманите што трпат маки, што живеат во услови на војна и што се потчинети.
Целта на Бајрамот е сите да се потсетат на сиромашните, на децата без родители и на осамените, но и да се најде начин да им се овозможи овој ден да го поминат достојно.
Хуманоста е една од главните димензии што го отсликуваат празникот.
Тоа, според толкувачите на исламот, е должност на секој муслиман за Бајрам.
Честитки од редакцијата на RadovisNews
*фото Архива

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови



