ЗАТВОРАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ И АЕРОДРОМОТ СКОПЈЕ

Министерството за здравство вчера донесе наредба за спроведување задолжителна самоизолација за секој државјанин на Македонија кој влегува на гранични премини, а патува од високо и средно ризични земји утврдени со Листата на Светската здравствена организација.
– Непочитувањето на оваа наредба и неспроведување на задолжителната самоизолација повлекува одговорност, се вели во објавата на Министерството.

Мерките за заштита од коронавирусот кои се донесени мора да се почитуваат, во спротивно следуваат казни согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот закон.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров синоќа апелираше граѓаните да се воздржат од патување во странство.

Владата, пак, одлучи да се затворат сите гранични премини во Македонија, за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците на димпломатскиот кор во државава, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.

Се затвора и Меѓународниот аеродром во Скопје, граничниот премин, освен за државни, воено, карго и медицински хуманитарни и празни летови по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на оваа одлука.

Вкупниот број на регистирани заразени лица со коронавирус се искачи на 23. Четири лица од Дебар и педесет и четиригодишна жена која се вратила од Холандија преку Виена се нови пациенти позитивни на коронавирус, а воедно се затвораат граничните премини и аеродромот во Скопје, објави министерот за здравство Венко Филипче. 

Во приватната болница „Жан Митрев“ се јавиле две лица со симптоми на грип, и тестовите таму се позитивни, но, рече Филипче, заради усогласување со Инфективната клиника, резултатите ќе бидат повторени во нивната лабораторија.

 




 

Погледнете повеќе

Повеќе информации