Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заенички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светета црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 11 мај.
Денеска е Св. Кирил и Методиј.
Овие двајца светители се посебно важни за словенските народи. Родени се во Солун, во деветтиот век, во видно византиско семејство. Свети Кирил кој пред да стане монах се викаше Константин ги помина сите степени на тогашната наука.
Брат му, пак, беше повеќе години управник на една област во струмичко. Двајцата имаа неколку мисии, што се опишани во Панонски легенди, двајцата беа монаси и двајцата се упокоија надвор од своето родно место, имајќи го целиот свет за свој дом, за мисионерско поле. За Словените се важни не само затоа што им ја дадоа азбуката, туку и затоа што ги доведоа пред вратите на вистинската просвета, т.е. пред Христа (во црковнот речник крштението најчесто се нарекува просветување).
Именден празнуваат: Кирил, Киро, Методиј, Мето…Во почетокот Црквата одделно го празнувала споменот на двајцата браќа, на деновите на нивното упокојување Кирил на 27/14 фев. и на св. Методиј на 19/6 април. Но подоцна се јавила потреба за нивен заеднички празник, едно затоа што тие се родени браќа и друго затоа што заедно извршувале иста дејност. Најпрвин заедничкото празнување било на денот на упокојувањето на св. Методиј, како што е запишано во Станиславовиот пролог: „И се празнува нивниот спомен на 6 април и црквите многу празнуваат во нивниот спомен“. Но поради тоа што овој датум се паѓа во строгите велигденски пости кога црквата забранува свечено празнување, се нашло за попогодно ова празнување да биде пренесено на 11 мај (с.с.). При празнувањето на илјадагодишнината од Моравската мисија во 1863 година, Светиот серуски синод донел одлука, почнувајќи од таа година 11 мај (с.с.) да се празнува како црковен празник на преподобните Кирил и Методиј. Потоа ова празнување било прифатено од сите словенски народи.
Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826/27 година.
За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво. Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол, дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето„).
Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп (Мала Азија) каде што се закалуѓерил. Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.
Константин, пак, уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград којашто имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството.
Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер (Илијадата и Одисејата), дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн. По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор.
По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот Филозоф.Бидејќи се истакнал со познавање на црковните но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, којашто имала државно-политички и религиозен карактер.
Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања.
Овде ги нашле и моштите на папата Климент I, кој уживал голема почит кај Римјаните, а Кирил напишал и пофално слово за Климент и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. За време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови