Светскиот ден на борбата против ракот се одбележува на 4 февруари, на иницијатива на Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), која има за цел да се помогне да се спасат милиони и да се спречат смртни случаи секоја година со зголемување на свеста и едукација за ракот и придобивање на влади и поединци од целиот свет да преземат акција против болеста.
Во светски рамки Македонија се наоѓа на 40-то место, со стандардизирана стапка на смртност поради малигни болести од 239,3 на 100.000 жители. Стапката на смртност кај мажите е повисока и изнесува 265,6/100.000, додека кај жените е 220,8/100.000.
Колку од овие смртни случаи се последица на професионална изложеност на канцерогени супстанци што се присутни на работното место? Никој на знае! Се проценува дека во земјите на Европската унија, речиси 10% од сите смртни случаи од карцином се последица на професионална изложеност т.е. имаат професионална етиологија. Во 2016 година во нашата земја се регистрирани вкупно 3882 смртни случаи поради малигни неоплазми. Тоа значи дека таа година, околу 380 работници умреле поради професионален карцином, или секој ден 1 работник бил жртва на несоодветната превенција на професионалните малигни болести.
Колку работници се изложени на канцерогени супстанци во Република Македонија? Повторно никој не знае! Нивниот број во земјите на Европската унија се движи околу 20%. Зошто тоа би било различно кај нас? Затоа, претпоставениот број на работници изложени на професионални канцерогени материи на работното место кај нас е околу 150.000, а за сите нив е неопходно и законски обврзувачки да бидат информирани, соодветно обучени и пред се заштитени.
Но, кои се и каде се тие работници? Одговорот се насетува – никој не знае! Дали некој во Република Македонија има технички капацитети и компетентни хумани ресурси да ги идентификува канцерогените супстанци на работно место, да ја измери нивната концентрација и да ја процени професионалната експозиција? Колку работни места во нашата земја се прогласени за работни места под зголемен ризик поради присуство на професионални канцерогени? Повторно прашање без аргументиран одговор, што би бил базиран на евиденција и систематско следење, а не на декларативна изјава.
Многу прашања на кои мора час поскоро да се даде одговор, затоа што декларативните заложби и изјави не спасуваат човечки животи. Треба многу повеќе од тоа и затоа овој ден, уште еднаш, да го посветиме, секој во својата област на работа, на мобилизирање на ресурсите за превенција на професионалните малигни болести. Ако тоа го направиме, можеби идната година пораката за одбележување на Светскиот ден за борба против ракот ќе има поинаква содржина!
Околу осум милиони луѓе секоја година во светот умираат од рак. Се проценува дека бројот на случаи со рак и смртните случаи од таа болест двојно ќе се зголеми во следните 20 до 40 години.
*Податоците се превземени од Институтот за Јавно здравје
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови