ПРАЗНУВАЊЕ НА СВ. ПРЕПОДОБНА ПАРАСКЕВА (ПЕТКА)

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.

По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“

Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград.

Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Народот во некои случаи не ги разликува трите Параскеви ‒ Петки туку најчесто ги идентификува со една Петка најчесто со света Петка Трновска но ликот на овие светици го почитува и празнува достоинствено со домашни служби и со големи собири и панаѓури.

Во Гевгелиско денот на Света Петка не се сметал за голем празник освен во с. Прдејци каде што имало селска служба и каде што се собирал мноштво народ од соседните села. Овде Света Петка се сметала за сестра на Света Недела. Во Радовиш овој празник бил ден на овчарите. Тогаш за овчарите се правел добар ручек, им се исплатувало тоа што не им било доисплатено во текот на момокувањето и се пазареле за наредниот период. Е. Спространов пишува дека се правело разлика меѓу Петковден и Света Петка од 26 јули според стариот односно на 8 август по новиот календар.

 

 



Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

Погледнете повеќе

Повеќе информации