• Услови за користење

ДЕНЕШЕН ДЕН 09 ОКТОМВРИ …

1547.- Роден е Мигуел де Сервантес, прочуен шпански писател, автор на првиот реалистички роман во шпанската литература, ненадминливиот “Дон Кихот”. Овој роман е преведен на сите светски јазици. Ги напиша и романите “Галатеу” и “Персилеса и Сигисмунду”. Умре во Мадрид, на 23 арприл 1616 година.

1757.- Роден е францускиот крал Шарл X, кој на престолот седна во 1824 година, а во 1830 година беше соборен во Јулската револуција, по обидите да ја обнови апсолутната монархија. Неговиот брат Луј XVI е убиен во 1793 година во Француската револуција.

1806.- Прусија и објави војна на Франција, во која е поразена и загуби делови западно од Лабе и од Полска.

1831.- Убиен е првиот претседател на Грција, Јоанис Каподистријас, еден од водачите во борбата за независност од Отоманското царство. Во 1809 година стапи на служба во Руското царство и беше претставник на Русија на Виенскиот конгрес и шеф на руската дипломатија од 1815 до 1822 година. По враќањето во Грција, учествуваше во борбите за ослободување. Во 1827 година дојде на власт, а беше убиен во атентат.

1854.- Во селото Идвор, во Банат, е роден Михајло Пупин, научник од светски глас. Со своите пронајдоци во областа на електрониката, жичната и безжичната телеграфија, стана познат во целиот свет. Најголема слава и признание му донесоа “Пупиновите калеми” со кои се овозможува пренос на телефонските разговори на големи далечини. Умре во Њујорк, на 12 март 1935 година.

1857.- Во Дубровник е роден Иво Војновиќ, хрватски драмски писател. Пишуваше во духот на традицијата на хрватскиот реализам. Познати се неговите дела „Дубровничка трилогија“, „Еквиноциум“, „Смртта на мајката на Југовиќите“, „Госпоѓата со сончоглед“ и други. Умре во Белград, на 30 август 1929 година.

1876.- Британскиот физичар, пронаоѓач на телефонот и учител на говорот на глувите Грахам Бел (1847-1922), кој подолго време живееше во САД, ја воспостави првата меѓународна телефонска врска меѓу Бостон и Кембриџ.

1892.- Роден е српскиот писател од хрватско потекло Иво Андриќ, единствен југословенски добитник на Нобеловата награда за книжевност, брилијантен стилист. Дела: „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“, „Госпоѓица“, „Омер-паша Латас“ (недовршен) и други.

1894.- Во Петроград е роден академикот проф. д-р Владимир Мошин, еден од најголемите проучувачи и познавачи на македонската средновековна уметност и култура. Покрај неговата дејност во Загреб и во Белград, беше раководител на историското одделение при Архивот на СР Мекедонија, професор на Филозофскиот факултет во Скопје и долгогодишен раководител на Катедрата за словенска култура при Институтот за проучување на словенската култура во Прилеп. Умре во Скопје, на 3 февруари 1987 година.

1906.- Роден е сенегалскиот државник, филозоф и писател Леополд Седар Сенгор, член на Француската академија и претседател на Сенегал од 1960 до 1980 година. Дела: „Нова антологија на црнечките и малгашки поезии“, „Слобода I: Царство и хуманизам“, „Слобода II: Нација и африканскиот пат во социјализмот“ и други.

1908.- Роден е францускиот фимски режисер и глумец од руско потекло Жак Татишчев, познат како Жак Тати, поетски сатиричар. Филмови, режија и глума: „Празничен ден“, „Одморот на господин Илоа“, „Мојот вујко“ (Оскар), „Сообраќајна бркотница“.

1934.- Убиен е југословенскиот крал од српско потекло Александар I Караѓорѓевиќ, наречен „Крал Обединител“, прва жртва на фашизмот. Атентатот во Марсеј, во кој е убиен и шефот на француската дипломатија Жан Луј Барту го организирале усташи и италијански фашисти, а пасошот најден кај убиецот е издаден во Загреб на име Петар Келеман. Стана крал на Србите, Хрватите и Словенците на 6 ноември 1921 година.

1940.- Роден е англискиот музичар Џон Ленон, автор на повеќето песни на поп групата „Битлси“.

1958.- Умре папата Пие XII, од италијанско потекло, првосвештеник на Римокатоличката црква од 1939 година. Беше поддржувач на италијанските фашисти и германските нацисти.

1962.- Африканската држава Уганда стана независна по безмалку 70 години биртанска колонијална управа.

1963.- Повеќе од 2.000 луѓе загинаа по пукнувањето на 300 метри високата брана „Вајонт“ кај Белуна, во североисточна Италија.

1967.- Убиен е аргентинскиот револуционер Ернесто „Че“ Гевара, симбол на револуцијата во Јужна Америка, но и ширум светот особено меѓу младите. Дипломирал медицина во Буенос Аирес во 1953 година. Во Мексико се запозна со Фидел Кастро. Беше министер за земјоделство, а Куба ја напушти во 1965 година. Во Боливија, сакајќи да го поведе народот во востание за ослободување на Јужна Америка од доминацијата на САД и домашната олигархија, беше убиен. Дела: „Спомени на кубанската револуција“, „Дневник од Боливија“.

1967.- Во Собранието на СР Македонија, под претседателство на д-р Милан Бартош, е одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која е извршено конституирање на МАНУ. За претседател на МАНУ е избран Блаже Конески (до 1975), редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, потпретседател д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а за секретар Ѓорѓи Филиповски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.

1968.- Во Париз Умре Андре Мороа, француски писател, автор на најголем број романи и романизирани биографии за Дизраели, Бајрон, Волтер, Тургенев и други. Роден е на 26 јули 1885 година.

1974.- Во Скопје свечено е предадена во употреба новата зграда на Театарот на народностите.

1975.- На советскиот физичар Андреј Сахаров му е доделена Нобеловата награда за мир поради неговите “бестрашни напори за мир во светот и правдата за сите во светот”, се вели во образложението на Норвешкиот комитет за Нобеловата награда. Меѓутоа, во изјавата на 72 советски научници, што е објавена на 25 октомври, се осудува одлуката Нобеловата награда да му се додели на Сахаров.

1983.- Во експлозија на бомба во главниот град на Бурма, Рангуна, за која Јужна Корија ги обвини севернокорејските агенти, беа убиени 18 јужнокорејски функционери, вклучувајќи и четири клучни министри, меѓу кои и шефот на дипломатијата Ли Бум Сук.

1987.- Во Загреб умре Владимир Ружѓак, еден од најистакнатите поранешни југословенски и светски оперски пејачи – познат баритон, долгогодишен член на оперите во Загреб, во Хамбург и на „Метрополитен“ операта во Њујорк. Роден е во 1922 година

1989.- Пуштена е во сообраќај делницата на автопатот Скопје – Петровец.

1994.- Во селото Црник, Пехчевско, е осветена црквата „Света Петка“.

1995.- Собранието на Република Македонија ја ратификува Привремената согласност меѓу Македонија и Грција.

1995.- Во Скопје умре Миодраг Друговац, македонски поет, есеист, критичар, книжевен историчар, аналитичар, антологичар, преведувач и новинар. Неговото книжевно дело е мошне обемно. Роден е во селото Друговац, кај Пожаревац, во Србија, на 12 октомври 1928 година.

1997.- Повеќе од 200 луѓе загинаа во ураганот „Паулина“ во мексиканското летувалиште Акапулко.

1999.- Бројот на жртвите во поплавата во Мексико ја надмина бројката 400.

1999.- Во Охрид, митрополитот брегалнички г.г. Стефан (Стојан Велјановски) е избран за поглавар (петти по ред) на Македонската православна црква. Пред него поглавари на Македонската православна црква беа: г.г. Доситеј (Димитар Стојановски), г.г. Ангелариј (Цветко Крстевски), г.г. Гаврил (Ѓорѓи Милошев) и г.г. Михаил (Методи Гогов).

2001.- Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски потпиша изјава со која се потврдува намерата за амнестија на припадниците на таканаречена ОНА, кои доброволно го положија оружјето во рамките на мисијата на НАТО „Неопходна жетва“ заклучно со 26 септември 2001 година.

2003.- Умре францускиот филозоф и теоретичар Жак Дерида, познат по концепцијата „деконструкција“. Покрена широка критичка расправа за филозофијата и е еден од иницијаторите на познатата париска група „Тел-куел“. Дела: „Пишување и разлики“, „За граматологијата“, „За духот“ и други.

2004.- Во Авганистан првпат се одржани директни претседателски избори.

2012.- Научниците од Франција и САД, Серж Арош и Дејвид Вајнленд ја добија Нобеловата награда за физика за откритието на начинот на мерење на квантните честички без нивно уништување, што претходно се сметаше за невозможно. Нивната работа може да доведе до создавањето нов вид супер брзи компјутери што ќе се темелат врз квантната физика, сооопшти Шведската кралска академија за науки, која наградата од осум милиони шведски круни (1,2 милиона долари) им ја додели на Арош и Ванјленд.

2013.- На 77-годишна возраст почина претседателот на Европската народна партија (ЕНП) и поранешен белгиски премиер, Вилфрид Мартенс. Мартенс е политичарот со најдолг премиерски стаж во белгиската историја. Во периодите од април 1979 до март 1981 и од декември 1981 до март 1992 година, тој предводеше девет белгиски влади на различни коалиции.

2013.- Почина Стеван Ацевски – Стевче, филмски работник. Ацевски студирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград во класата организација. Од 1965 година работел за продукцијата на „Вардар филм“, во 1980-тите за продукцијата на „Авала филм“ – Белград, како директор на филм во копродукциите со италијански и американски партнери. Соработувал и со играната (драмска) програма на ТВ Скопје. По осамостојувањето на Македонија, Ацевски повторно работел во „Вардар филм“, а во 1998/1999 бил и в.д. директор. Потоа почнал со приватна продукција на филмови. Бил директор на филм на „Јад“ (1975), „Пресуда“ (1977), „Глава“ (1979), „Време, води“ (1980), „Јазол“ (1985), „Опасна баба“ (1985), „Хај фај“ (1987), „Викенд на мртовци“ (1988) и режисер на „Тумба Маџари“ (2001). Стеван Ацевски-Стевче е роден во 1943 година.

2013.- Добитници на Нобеловата награда за хемија за оваа година се професорите Мартин Карплус, Мајкл Левит и Ариех Варшел за нивниот труд за развојот на модели на комплексни хемиски системи. Како што соопшти Институтот „Каролинска“ од Стокхолм, нивната работа послужила како основа за моќните софтверски програми, кои се користат за да ги објаснат и предвидат комплицираните хемиски процеси.

2014.- Познатиот хрватски актер Борис Бузанчиќ почина во Загреб на 85-годишна возраст. Познат е по околу 500 театарски претстави, 12 телевизиски и 70 филмски улоги, вклучувајќи ги и ролјите во „Вело Мисто“, „Ветена земја“, „Операција Барбароса“, „Големи и мали“, „Маратонци“, „Бела Биондина“, „Маршалот“, „Офицер со роза“… Интересно е дека во филмот „Вело Мисто“ толкуваше улога на градоначалник, а потоа во 1990 година стана „прв човек“ на Загреб.Бузанчиќ е роден на 13 март 1929 година во Бјеловар,

 

 


Related Articles

Временска прогноза