• Услови за користење
  • Импресум

ДЕНЕШЕН ДЕН 18 ОКТОМВРИ …

1469.- Кралицата Изабела од Кастиља се омажила за арагонскиот крал Фернанд II под чија круна се обединиле речиси сите шпански христијански земји.

1697.- Роден е италијанскиот сликар Џовани Антонио Канал, познат како Каналето, еден од најдобрите сликари на пејзажи во 18. век, мајстор на доловувањето на атмосферата и ведриот прозрачен колорит. Најмногу ги сликал Венеција и нејзините канали и палати.

1859.- Во Париз е роден Анри Бергсон, француски филозоф и академик. Развил нов вид филозофија на животот, заснована врз идејата на „животен полет“. Од делата познати му се „Творечка еволуција“, „За смеењето“, „Материја и меморија“ и други. Во 1927 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Париз, на 4 јануари 1941 година.

1865.- Умрел англискиот државник Хенри Џон Темпл, познат како лорд Палмерстон. Бил двапати премиер помеѓу 1855 и 1865 година. Ја организирал „Опиумската војна“ против Кина и Кримската војна против Русија и бил иницијатор во гушење на антиколонијалните востанија во Индија и во Кина.

1867.- Владата на Соединетите Американски Држави го купила од Русија полуостровот Алјаска за седум милиони и двесте илјади долари.

1893.- Умрел Шарл Гуно, француски композитор, кој заедно со Санс, бил главен претставник на класичниот правец на француската музика во 19 век. Напишал 200 соло-песни, пишувал црковна музика и ораториуми. Меѓутоа, најзначајни се неговите опери: „”Ромео и Јулија“, „Фауст“, „Миреј“, „Со сила лекар“, како и обработката на Баховиот „Прв клавирски концерт“. Роден бил во Париз, на 17 јуни 1818 година.

1898.- Во Прилеп е родена Васка Циривири, носител на „Партизанска споменица 1941“, прв претседател на АФЖ на Македонија, мајка на две ќерки, борци во НОВ на Македонија, кои храбро загинале во текот на војната. Умрела во Скопје, на 13 јануари 1984 година.

1912.- Почнала Првата балканска војна која Србија, Црна Гора и Бугарија, ја воделе против Османлиското царство. Војната завршила со примирје на 3 декември истата година. На Мировната конференција во Лондон, на 30 мај 1913 година Турција морала да се откаже од сите имоти во Европа, освен од Едрене, кое сојузниците не успеале да го заземат. Македонскиот народ зел активно учество во војната, очекувајќи дека ќе се избори за слобода и независност. Но, наместо тоа, сојузниците ја поделиле Македонија, што, пак, поради „несоодветната поделеност“, било причина за почетокот на Втората балканска војна.

1922.- Основана била Британската радио компанија BBC.

1931.- Во Вест Оринџ, умрел Томас Алва Едисон, голем американски пронаоѓач кој го задолжил светот со голем број технички откритија од кои речиси сите биле сврзани со употребата на електричната струја. Тој изградил прва електрична централа, ги измислил светилката, монографот (грамофонот), микрофонот, ги усовршил телеграфот, динамо-машината и друго. Современиците го сметале за „прв добротвор на човештвото“. Роден бил во Мајлен во 1847 година.

1962.- По неколку дневните поројни дождови, реката Вардар се излеала во градот и бидејќи не било регулирано коритото на реката, поплавата го зафатила целиот град, се до насипот во населбата Пролет. Поплавата траела три дена, но без човечки жртви. Била предизвикана голема материјална штета.

1967.- Како прва во историјата на космонаутиката, советската атомска меѓупланетарна станица “Венера-4”, спуштила научна лабораторија на површината на планетата Венера. Со автоматските апарати успешно биле испитани атмосферата и површината на планетата.

1983.- Научниците на американската Агенција за еколошка заштита го предупредиле светот дека е соочен со опасно зголемување на јаглеродниот диоксид во атмосферата кој може да го наруши производството на храна, да го забрза топењето на мразот на половите и да го заголеми нивото на морињата.

1998.- Најмалку 700 луѓе загинале при експлозија на нафтовод на југот во Нигерија.

1998.- Во Република Македонија се одржале вторите (по осамостојувањето) парламентарни избори.

1994.- Британската кралица Елизабета Втора за првпат во петвековната соработка, допатувала во тридневна посета на Русија. Рускиот претседател Борис Елцин, изјавил дека посетата е признание за руската демократија.

2000.- Американскиот Сенат одобрил продажба на храна и лекови на Куба. Тоа претставувало најголема измена во ембаргото кое САД го вовеле пред четири децении против Куба.

2005.- Умрел идеологот на руската „перестројка“ („престројување“) Александар Јаковљев. „Перестројката“ значително го изменила начинот на живот во земјата, а на крајот придонесла и за распадот на Советската држава.

2007.- Најмалку 133 луѓе загинале, а повеќе од 450 биле повредени во Караџа, при нападот на конвојот во кој се наоѓала поранешната пакистанска премиерка Беназир Буто, која се вратила во земјата по осумгодишен егзил.

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови




Related Articles

Временска прогноза