• Услови за користење

ДЕНЕШЕН ДЕН 20 НОЕМВРИ …

1602.- Роден е германскиот физичар и пронаоѓач Ото фон Герике. Тој прв го демонстрираше вакуумот и го прикажа прочуениот експеримент за воздушниот притисок. Ото фон Герике ги изуми воздушната пумпа, воздушната вага и барометар.

1759.- Британската флота ја порази француската флота во заливот Киберон во текот на седумгодишната војна. По овој пораз Франција го изгуби преостанатиот дел од Канада и мораше да се повлече од Индија во корист на Британија.

1780.- Велика Британија и објави војна на Холандија бидејќи на американските бунтовници во бродовите им дотураше француско и шпанско оружје.

1818.- Латиноамериканскиот револуционер и државник Симон Боливар ја објави независноста на Венецуела од Шпанија.

1858.- Во Морбака, област Вермланд, е родена Селма Отилија Ловиса Лагерлеф, шведска писателка, прва жена добитник на Нобеловата награда за литература во 1909 година. Умре во Морбака, на 16 март 1940 година.

1865.- Во Рио де Жанеиро умре Франческо Маноел да Силва, бразилски композитор. Роден е во Рио де Жанеиро, на 21 февруари 1795 година.

1870.- Германските сили го опколија Париз за време на Француско-пруската војна, во која Франција претрпе низа порази.

1873.- Се соединија соперничките градови Будим, на десниот брег на реката Дунав и Пешта, на левиот, па така е создаден единствениот град Будимпешта, денес главен град на Република Унгарија и еден од најубавите градови во средна Европа.

1894.- Умре рускиот композитор и пијанист Антон Григоријевиќ Рубинштајн, основач на Конзерваториумот во Петроград, еден од најголемите пијанисти на 19. век. Компонираше опери, клавирски композиции, соло песни.

1903.- Во Честахов, Полска, е родена д-р Елена Етингер Каваева, еден од основположниците на медицинската заштита на охридско-струшкиот крај и во Македонија, активен учесник во Октомвриската социјалистичка револуција во Русија, личен пријател на Ленин и помагач на НОВ. Заедно со својот сопруг д-р Владимир Каваев влезе во енциклопедијата на медицинските науки. Умре во Охрид, на 2 февруари 1983 година.

1906.- Во Велес е роден Живко Фирфов, македонски етномузиколог, композитор, музиколог, диригент и музички деец. Музичка школа заврши во Белград во 1931 година. Во 1939 година ја објави својата прва етномузиколошка студија во списанието “Музика”, за интерпретација на македонската народна песна и за мелогравската постапка при нејзиното собирање. Особено беше ангажиран во создавањето на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија “Танец”. Умре во Скопје на 21 јули 1984 година.

1910.- Умре рускиот писател Лав Николајевич Толстој, еден од најголемите книжевници во историјата. Првото дело го напиша на Кавказ, каде како доброволец се бореше против Турците. По Кримската војна, во која беше офицер, се повлече на семејниот имот Јасна Пољана. Дела: „Војна и мир“, „Ана Каренина“, „Козаци“, „Кројцерова соната“, „Хаџи Мурат“, „Народни приказни“, „Царството на темницата“, „Мојата исповед“, „Не можам да молчам“ и други.

1916.- Во Дебар е роден Васил Куноски, македонски писател. Неговото поетско дело за деца е мошне обемно. Првата негова објавена книга (во 1950 г.) е поемата „Волшебното ливче“, а последната е публикувана во 1984 година со наслов „Оро весело“ (поезија за предучилишна возраст). Умре во Скопје, на 13 јуни 1993 година.

1919.- Во Берлин илегално почна Првиот меѓународен конгрес на младинските организации на 13 земји на кој е основана Комунистичката младинска интернационала.

1925.- Роден е американскиот политичар Роберт Френсис Кенеди, кој стана министер за прада кога неговиот брат Џон беше избран за претседател на САД. Беше убиен во Лос Анѓелес во 1968 година во текот на претседателската кампања, по неполни пет години од атентатот во кој беше убиен неговиот брат. Од 1951 работеше во криминалистичкиот уред на Министерството за правда, а во 1954 година стана член на Постојаниот сенаторски истражен поткомитет. Од 1961 до 1964 година беше министер за правда, по што во државата Њујорк беше избран за сенатор.

1925.- Родена е руската балерина Маја Михајловна Плисецкаја, која го спои традиционалното руско кореографско школо со модерните текови на рускиот балет. Како долгогодишна примабалерина во театарот „Болшој“ во Москва, креира исклучителни играчки сензибилни партии на класичниот репертоар како што се „Дон Кихот“, „Лебедовата смрт“, „Лебедово езеро“, „Ромео и Јулија“, „Иван Грозни“, а со сопругот композиторот Родион Шчедрин, ја постави балетската верзија на „Ана Каренина“ на Толстој.

1945.- Пред Меѓународниот суд во Нирнберг започна судењето на нацистичките воени злосторници. Одговараа 24 германски воени злосторници, од кои 12 беа осудени на смрт со бесење, тројца беа ослободени, еден изврши самоубиство во затвор, а на другите им беа изречени времени казни. Процесот е значаен како прв во историјата во кој агресијата е осудена како злосторство против човештвото, а виновниците казнети.

1945.- Сојузната контролна комисија дозволи преселување на шест милиони Германци од Полска, Чехословачка и Унгарија во Западна Германија.

1952.- Во Неапол умре Бенедето Кроче, италијански филозоф, историчар, литературен критичар и државник. Се обиде да го ревидира марксизмот и отворено истапуваше против него, а беше и противник на фашизмот. Најпознати негови дела се „Филозофијата како наука“; „Филозофијата на практиката, економијата и етиката“ и „Историјата како приказна за слободата“. Роден е во Пескасерол, на 25 февруари 1866 година.

1959.- Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето, документ со кој се утврдени не само принципите за заштита на децата во светот, туку е и основан за помош на милиони деца. Со текот на годините со финансиска помош од Детскиот фонд се опремени многу здравствени центри во светот.

1959.- Велика Британија, Норвешка, Шведска, Данска, Австрија, Португалија и Швајцарија во Стокхлом потпишаа Конвенција за формирање Европско здружение за слободна трговија (ЕФТА).

1962.- Претседателот на САД Џон Кенеди ја укина американската воено-поморска блокада врз Куба, со што беше завршена Кубанската ракетна криза. Во текот на Кубанската ракетна криза, светот се најде на работ на атомски судир помеѓу САД и Советскиот Сојуз.

1947.- Во првата несреќа на патничкиот авион „Боинг 747“, кој се урна по полетувањето од аеродромот во главниот град на Кенија, Најроби, во авионот на западногерманската компанија „Луфтханза“ загинаа 59 луѓе.

1970.- Излезе првиот број на “Екран”, како неделен колор прилог на весникот “Нова Македонија” за ТВ, филм, радио и естрада. Од бр. 226 од 14 март 1975 година излегува одделно од “Нова Македонија” како ревија за РТВ, филм, сценски уметности и естрада.

1975.- Умре Франциско Франко, долгогодишен диктатор во Шпанија. Роден е во офицерско семејство и успешно ја продолжува семејната традиција. Се покажа како ретко вешт офицер во текот на војната во Мароко. Во 1926 година стана генерал, најмлад во историјата на Шпанија. Беше изразито монархистички и католички ориентиран. Кога беше воведена републиканската влада со прокомунистички склоности тој покрена вооружена буна со цел обнова на монархијата. По тригодишната граѓанска војна во 1939 година го скрши отпорот на демократски избраниот републикански поредок и воспостави режим кој траеше се до неговата смрт во 1975 година.

1979.- Околу 300 вооружени шиитски бунтовници упаднаа во големата џамија во Меки, од каде со големо крвопролевање на 4 декември истата година ги истера саудсиката армија.

1980.- Во Кина почна судењето на „четиричлената банда“ која ја предводеше Дјанг Чинг, водовица на претседателот, обвинета за предавство и злосторство во текот на Културната револуција од 1966 до 1976 година.

1981.- Рускиот велемајстор Анатолиј Карпов ја задржа титулата светски првак во шах, со победа во мечот во Италија со неговиот поранешен сонародник велемајсторот Виктор Корчној.

1991.- Во Скопје, во Собранието на Република Македонија, свечено е прогласен Уставот на Република Македонија, усвоен на 17 ноември 1991 година.

1992.- Во кралскиот дворец во пожар за малку целосно ќе изгореше Виндзорскиот замок. Палатата во Виндзор е една од најголемите знаменитости во Велика Британија.

1993.- Авионот од типот „јак-42“ на авиокомпанијата „Авиоимпекс“, кој леташе на релацијата Женева – Скопје и поради магла на скопскиот аеродром беше пренасочен кон Охрид, се урна на околу четири километри од пистата, меѓу селата Горно Лакочереј и Оровник. Во несреќата загинаа 116 патници и членови на екипажот, преживеа само еден патник.

1995.- Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, стана полноправен член на Меѓународната Хелсиншка Федерација, беше речено на Годишното собрание на Меѓународната Хелсиншка Федерација во Истанбул.

1995.- На претседателските избори во Полска кандидатот на левицата Александар Квашњевски го победи долгогодишниот шеф на државата Лех Валенса.

1998.- Во Москва умре Ристо Бајалски, македонски новинар, новинар во весниците „Нова Македонија“, во „Борба“, во „Политика“ и во други весници. Тој е основач и уредник на спортскиот весник „Спортист“ (1955-1958 година) што го издаваше НИП „Нова Македонија“. Роден е во селото Стојаково, Гевгелиско, на 7 април 1926 година.

1998.- Во Санкт Петербург во атенат е убиена Галина Старовојтова, еден од лидерите на либералните депутати во Думата (Долниот дом на руското Собрание).

1999.- Кина го лансираше својот прв вселенски брод без човечки екипаж.

2001.- Умре Борко Темелкоски – Лилјакот, народен херој на Југославија, од Македонија, општествено-политички работник. Роден е во Прилеп, на 20 декември 1919 година.

2003.- Во две експлозии кои исламските терористи ги подметнаа во центарот на Истанбул, пред британскиот конзулат и претставништвото на британската банка HSBC, загинаа 27 луѓе, вклучувајќи го и британскиот конзул. Одговорноста заеднички ја презедоа Ал каеда и турската милитантна група „Исламски фронт на борците на Големиот Исток“.

2006.- Умре американскиот режисер Роберт Алтман, автор на популарните филмови како што се „МASH“, „Нешвил“, „Играч“, „Кратки резови“, „Канзас сити“. Изгради кариера противејќи се на Холивуд и конвенциите на филмската индустрија. Беше жесток критичар на современото општество. Роберт Алтман беше петпати номиниран за Оскар, а го доби во 2006 година кога му е врачен за животно дело.

2013.- Шеснаесетгодишната Малала Јусафзај ја доби наградата Сахаров што се доделува за слобода на мислењето. Младата Пакистанка е позната во целиот свет поради нејзината борба за образование на девојчињата во нејзината држава каде тоа право е оспорувано со насилство од страна на талибанците. Во обраќањето пред европратениците, Малала жестоко се заложи за правото на образование од кое се лишени 57 милиони деца во светот. Престижната награда Сахаров им оддава почит на личностите или организациите кои го имаат посветено својот живот и егзистенција на одбраната на човековите права и слободи.

2013.- На 95-годишна возраст почина британскиот биохемичар Фредерик Сангер, единствен научник кој добил две Нобелови награди за хемија. Тој во 1958 година доби Нобелова награда за хемија за објаснување на конституциската структура на молекулите на инсулинот преку истражување на секвенци на протеинот. За истражување на структурата на молекулите на ДНК, награден е со уште една Нобелова награда во 1980 година, но овој пат заедно со Пол Берг и Волтер Гилберт.

2014.- По кратко боледување почина истакнатиот македонски сликар Милош Коџоман. Неговите дела се дел од значајни светски и домашни колекции. За неговиот сликарски опус и уметничка дејност се снимени три филма и тоа „Долап“, „Повик“ и „Бои на времето“. Милош Коџоман е роден 1952 година во Скопје.

2014.- На 83-годишна возраст почина американскиот филмски и театарски режисер (со германско потекло), Мајк Николс кој доби „Оскар“ во 1967 година за својот филм „Дипломец“, а од главниот актер, тогаш младиот Дастин Хофман, прави светска филмска ѕвезда. Покрај Оскарот, за својот најизвикан и незаборавен филм, Мајк Николс беше уште четири пати номиниран за оваа најпрестижна награда на Американската филмска академија, меѓу кои и за филмот „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ со Елизабет Тејлор и Ричард Бартин во главните улоги. Николс е еден од дванесетмината „величествени“ во светот на филмот, театарот и телевизијата кој ги има добиено сите четири престижни американски награди, покрај „Оскарот“ и наградите „Еми“,„Греми“ и „Тони“. Негов последен филм беше „Војната на Чарли Вилсон“ снимен во 2007 година, во кој главните улоги ги имаат Том Хенкс и Џулија Робертс.

 




 


 


 

 


 



 




 

 

Related Articles

Временска прогноза