Екипите на Центар од Скопје и на Радовиш – најдобри
На 27-те Републички средби на Црвениот крст што се одржаа неодамна во Кичево, учествуваа 28 општински организации или над 200 волонтери.
Првото место на натпреварот го освои екипата на Центар од Скопје, додека во десиминација најдобри беа волонтерите од општинската организација (ОО) на Црвениот крст од Радовиш.
На присутните волонтери и на членовите на општинските организации во центарот на Кичево, им се обрати претседателот на Црвениот крст на Македонија д-р Ромео Велев.
– Оваа година мотото на Државниот натпревар по прва помош беше во духот на одбележувањето на Светскиот ден за прва помош, кој е посветен на првата помош во случај на сообраќајни несреќи. Факт е дека секој ден голем број учесници во сообраќајот, пешаци, велосипедисти и возачи на автомобили ги губат животите во сообраќајот, а бројката изнесува над 3.500 луѓе, додека бројот на повредени изнесува над стотина илјади. За жал, сообраќајните несреќи се водечка причина за смртта кај младите од 11 до 25 години.
Екипата на општинската организација од Радовиш, ја сочинуваа: Марија, Дарко, Данче, Катерина и Александар.
На најдобрите екипи им беа доделени и пригодни награди како мотивација за продолжување на нивниот ентузијазам и придонес во областа на првата помош.