Започнува изградбата на Ветерниот парк сместен меѓу Радовиш, Штип и Карбинци

Денеска ќе биде поставен темелот на Ветерниот парк, инвестиција од над 500 милиони долари од страна на компанијата „Алказар енерџи“, што се очекува да креира 630 нови работни позиции.

На почетокот на градежните работи на најголемиот ветерен парк во нашата држава, ќе присуствуваат и свои обраќања ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николовски, како и ко-основачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“, Даниел Калдерон.

Ветеропаркот, кој претставува најголема инвестиција во доменот на обновливите извори на енергија во регионот, ќе биде сместен меѓу Штип, Карбинци и Радовиш, зафаќајќи површина од приближно 326 хектари.

Планирано е да бидат инсталирани 55 турбини на ветер кои ќе генерираат електрична енергија доволна за снабдување на околу 100 илјади домаќинства.

Од „Алказар енерџи“ нагласуваат дека спроведувањето на проектот ќе донесе значајни бенефити за економијата, бизнис секторот и граѓаните, “создава трајна вредност за државата и отвора голем потенцијал за понатамошен развој.”

Овој ветерен парк претставува и важен исчекор кон зајакнување на енергетската стабилност и остварување на целите на земјата во однос на обновливата енергија.

 

*фото Архива

Погледнете повеќе

Повеќе информации