Информативниот медиум, порталот Радовиш Нјуз согласно уредувачките политики во наредниот период ќе објави интервјуа на кандидатите кои се номинирани за Локалните избори 2025.
Целта на овие интервјуа е граѓаните подобро да се запознаат со дел од нивните програми, визија и приоритети кои ќе ги понудат на овие локални избори!
Интервју со Страхил Гавритов, независен кандидат за градоначаник на Општина Радовиш
Радовиш Нјуз: Што ве мотивираше и беше предизвик да се кандидирате како кандидат за градоначалник за Општина Радовиш?
Страхил Гавритов: Мојата најголема мотивација се луѓето од целата општина и градот Радовиш. Секојдневно слушам за нивните проблеми и многу од проблемите ми се познати и што е најважно тие се решливи проблеми. Јас верувам дека со чесна работа и со вистински приоритети, можеме да изградиме поинаков Радовиш – град каде граѓаните ќе почувствуваат дека општината е на нивна страна, а не против нив. Тоа е мојот предизвик – да ја вратам довербата во локалната власт.
Радовиш Нјуз: Кои се плановите на Страхил Гавритов за иден настап на локалните избори?
Страхил Гавритов: Планот е едноставен – чесна и отворена кампања, лице в лице со граѓаните, без спектакли и празни ветувања. Ќе понудам јасна програма со конкретни мерки. Кампањата ќе биде скромна, но чесна, и тоа е најголемата разлика од политичките партии кои со години трошат милиони на кампањи.
Радовиш Нјуз: Каква е визијата на Страхил Гавритов како независен кандидат за градоначалник за Радовиш?
Страхил Гавритов: Мојата визија е Радовиш да биде општина која ќе им служи на граѓаните, а не на партиите. Сакам град во кој младите гледаат перспектива, семејствата имаат мир и сигурност, а јавните претпријатија се сервис за луѓето. Јас сакам да го гледам Радовиш како град на ред, транспарентност и правичност.
Радовиш Нјуз: Во изминатиот период имавте средби и контакти со граѓаните, дали може да ни насочите дел од проектите и идеите кои ќе бидат опфатени во Вашата програма.
Страхил Гавритов: Да, имав многу средби со граѓаните и тие средби ќе продолжат и понатаму до последниот ден од кампањата, од тие средби и разговори се обликува мојата програма. Јас сега нема да откривам многу, но ќе кажам само едно – во неа ќе има проекти кои никој досега не ги понудил, а директно ќе го менуваат секојдневието на радовишани. Деталите ќе ги откриеме во вистинскиот момент, кога започнува и законски предвидениот рок за изборна кампања. Сакам програмата да биде изненадување кое ќе донесе надеж и ќе покаже дека Радовиш може поинаку.
Радовиш Нјуз: Врз основа на вашите анкети и предвидувања, кој е вашиот очекуван резултат за изборот на советници од советничката листа и кој резултат го очекувате како кандидат за Градоначалник.
Страхил Гавритов: Анкетите и бројките се менуваат секој ден и тоа би рекол во наша корист и од нив се гледа дека волјата на граѓаните е јасна и силна. Јас нема да шпекулирам со проценти – ќе кажам само дека нашата независна листа поддржана од граѓанската иницијатива „ГРИН“ ќе биде пријатното изненадување во Советот. А што се однесува до градоначалничката трка – убеден сум дека вториот круг е само чекор кон она што навистина доаѓа. Чувствувам дека Радовиш е подготвен за промена и знам дека победата ќе биде на страната на искреноста и независноста.

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови



