И овие локални избори кампањите на поголемите партии почнуваат традиционално од истите градови. Со слоганот „Најдоброто за твојата општина“ стартува караванот на СДСМ. Централниот настан е закажан во Битола, а претходно караванот ќе биде со граѓаните на Демир Хисар. Караванот своите активности ги завршува на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.
ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ќе ја води под слоганот „Создади нова иднина“. Идните градоначалници и општински советници ќе се претстават на собирот во Античкиот театар во Охрид. Но, во текот на денот, во Скопје својата програма ќе ја претстави Данела Арсовска, која, поддржана од опозициската партија, ќе се бори да биде прва жена градоначалничка на главниот град.
ДУИ својата кампањата ја почнува и ќе ја заврши во Гостивар, додека Беса вечерва стартува од со собир на отворено пред салата „Борис Трајковски“.
ДИК, претходно, потврди 300 листи за градоначалници и 576 за советници. Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден на седница на ДИК. Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции, а има и голем дел независни кандидати. ДИК веќе го утврди и изгледот на избирачкото ливче за локалните избори.
Народниот правобранител ги потсетува граѓаните дека во неговата канцеларија функционира бесплатна телефонска линија на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права. По пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а сите поплаки кои ќе стигнуваат по завршување на работното време, по 16 часот, ќе бидат снимени, се посочува во соопштението од Народниот правобранител. Исто така, за пријавување на повреди граѓаните можат да се обратат и во шесте подрачни канцеларии секој работен ден.
На овие локални избори право на глас имаат 1.824.864 граѓани. Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1.740.147. Инаку, на гласањето за првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. До 1 октомври во земјава треба да пристигнат сите терминали, како и системот што треба да го достави германската компанија „Дермалог“.
Како и за Парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од Ковид-19 и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот. Кампањата и за локалните избори ќе биде набљудувана од страна на претставици на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и други организации. Рокот за акредитација на набљудувачи за изборите завршува на 6 октомври.
Вториот круг од изборите ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 29 октомври на полноќ.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови