Кандидатите кои ќе одат независно на овие избори бараат писмена потврда од ДИК дека не им требаат потписи

Независните граѓански здруженија не веруваат во изјавата од Државната изборна комисија и ставање вон сила на Упатството за учество на изборите, со што според ДИК, нема потреба од собирање потписи како поддршка за кандидирање за градоначалници и советници. Тие бараат писмен документ од ДИК како потврда на кажаното.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ставањето надвор од сила на упатството на Државната изборна комисија за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик не го нарушува изборниот процес за локалните избори. Тој вели дека ДИК има законска обврска да донесе ново Упатство.

Мицкоски вели дека комплетно новиот Изборен законик е веќе подготвен и со месеци чека во Собранието, но е блокиран од нереалните барања на, како што вели, една опозициска партија.

Блокадата била поради нереално барање кое никаде во светот не се применува, а тоа е членот во ДИК кој е од редовите на таа партија да става вето на одлуката на Комисијата и на Општинските избирачки одбори.

Инаку на последните локални избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини и освоија 56.000 гласови.

Погледнете повеќе

Повеќе информации