• Услови за користење
  • Импресум

КАПИНА – Богатство на природата!

Витамини, минерали, растителни влакна, флавоноиди, сето тоа го содржат капините, кои не се само вкусни туку поради својот состав имаат благотворно дејство при многу здравствени проблеми.

Свежите капини се одличен извор на витамин Ц (обезбедуваат 35 проценти од дневно препорачаната доза во 100 грама), кој е моќен природен антиоксиданс. Конзумирањето овошје богато со витамин Ц му помага на телото да развие отпорност кон инфективните агенси, да се бори против воспаленијаа и да ги собере слободните радикали.

Благите, сочни капини се летен деликатес во северните региони со умерена клима. Како малините, растат на грмушки од фамилијата rosaceae. Растението потекнува од Европа, а денес се одгледува комерцијално од Северна Америка (особено САД), па сè до Сибир. Ботанички, растението е повеќегодишна грмушка која припаѓа во фамилијата Rosaceae, од родот Rubus. Научното име на капината е Rubus fruticosus.

Капината е бодликаво растение кое достигнува висина 2-3 метри. Цвета во бели до бело розеви цветови, а плодовите се црни и сочни. Цвета од мај до јуни, a потоа раѓа плод кој зрее во текот на летото се додека не стане црн, сочен и мек. Познати се преку 100 видови на капини. Сите се подеднакво здрави, вкусни и лековити и кој од нив да го употребиме нема да згрешиме.

Капината се смета за исклучително лековито растение. Освен тоа што плодот е многу здрав за конзумација, и листовите од капина се исклучително добри за подготовка на чај, бидејќи содржат состојки кои би биле од особена корист за нашиот организам.

Чајот од листот од капина уште од одамна се користел како средство за ублажување на воспаленијата на слузокожата на носот, грлото, усната шуплина и сл. Општо кажано, чајот од лист од капина е корисен за сите видови на воспаленија.

Докажано е дека сокот направен од зрела капина е од голема корист за нашето тело. Го подобрува имунитетот, ја подобрува циркулацијата, корисен е кај анемични луѓе, стари и изнемоштени, ја подобрува концентрацијата и игра превентивна улога во борбата против туморозни промени во организамот бидејќи состојките кои се наоѓаат во капината ги штитат клетките и ги подобруваат нивните биолошки функции.


Природен сируп од капини за енергичен почеток на денот

Потребни ви се 2 килограми капини, 6 децилитри вода, 1 килограм шеќер и 3 лимони.

Иситнете ги капините во блендер. Во зовриена вода (6 дл.) ставете го шеќерот и варете додека не добиете шеќерен сируп. Жешкиот шеќерен сируп прелијте го преку иситнетите капини, додадете го сокот од лимон и оставете ја смесата да стои 2-3 часа. На крајот испасирајте ја смесата. Добиениот сируп загрејте го на температура до 75 степени, а потоа веднаш претурете го во врели стерилизирани шишиња и добро затворете.

На здравје!

 








 






 

 



 




Related Articles

Временска прогноза