Кромидот е еден од најстарите зеленчуци познати на човештвото. Постојат неколку сорти од овој тркалезен зеленчук: жолт, црвен (полут и поблаг), бел, бисерен и благ кромид. Тој се употребува како додаток или зачин во сите светски кујни. Може да се најде во свежа, замрзната, конзервирана и дехидрирана состојба, како и во прав. Овој зеленчук може да се користи во речиси секој вид на храна. Може да се јаде пржен или свеж во салати, но и како зачин. Во зависност од врстата, кромидот може да биде со остар или благ вкус.Кромидот е многу здрав зеленчук. Луковицата од кромидот содржи вредни лековити материи и може да се користи како природен лек за многу заболувања. Во исхраната се користи преку цела година: млад (зелен) кромид, во пролет, млади главици кромид, преку летото и зрел кромид во зимата. Од хранливи состојки кромидот содржи многу јагленохидрати, во мали количини растителни белковини и масти. Но, вистинската вредност на кромидот во исхраната потекнува од содржината на витамини и минерали. Тој е вистинска ризница на витамини, минерали, олигоелементи, билни хормони… Содржи калиум, сулфур, витамини Б1, Б2, Ц, К, П, бета каротин. Кромидот во организмот дејствува слично како инсулинот. Се смета дека кромидот помага при широк спектар на заболувања, од обична настинка, па сè до срцеви заболувања, дијабет, остеопороза, реума и некои други болести. Тој содржи хемиски соединенија за кои се верува дека имаат антивоспалителни, антихолестеролски, антиканцерогени и антиоксидативни својства. Едно од тие хемиски соединенија, на кое му се препишуваат многу корисни својства е кверцетинот. Кверцетинот има антиканцерогени ефекти. Тој спаѓа во групата растителни пигменти наречени флавоноиди, кои се раствораат во вода. Се однесува како антихистамин и има антивоспалителни карактеристики. Меѓу многуте евидентни дејства на кверцетинот се и силните антиоксидантни карактеристики. Ја намалува оксидацијата на ЛДЛ (лошиот холестерол), односно го заштитува срцето. Големиот број студии сугерираат дека кверцетинот може да има антиканцерогени својства. Кверцетинот како диетален додаток во исхраната станува сè попопуларен. Кверцетинот се смета за фитоестроген (растителна супстанција со симулирачки функции како хормонот естроген). Се верува дека некои фитоестрогени имаат антиестрогенски ефект, што може да доведе до намалување на ризикот од некои видови на рак (рак на дојка, рак на простата). Со лабораториски тестови е докажано дека кверцетинот има антиестрогенска активност. Лабораториски испитувања од Мayo клиниката покажуваат дека кверцентинот може да помогне во третирањето на рак на простатата, бидејќи ги блокира машките хормони што го стимулираат растот на раковите клетки на простатата. Според други студии, кромидот помага и во лекувањето на воспалението на простатата мажите со воспалена простата (простатитис) што земале кверцетин се редуцирале уринарните симптоми. Кај луѓето што внесувале храна која содржи кверцетин и други флавоноиди е забележан намален ризик за рак на бели дробови, на желудник, на панкреас и на дојка. Резултатите од испитувањата за флавоноидите сугерираат дека постојаното консумирање растителни продукти кои содржат кверцетин може да претставува висок заштитен ефект од рак на бели дробови. Некои истражувања покажале дека зголемената исхрана со кромид доведува до намалување од ризикот за добивање рак на главата и вратот. Во кромидот се наоѓаат многу состојки кои делуваат бактерицидно, т.е се борат против бактериите и другите микроорганизми, кои се причинители на разни воспаленија. Бактериостатиците во кромидот го даваат неговото лековито својство. Затоа често се препорачува при настинки, кашлица, акутен и хроничен бронхит, астма и други воспалителни заболувања. Покрај тоа, кромидот ја прочистува и крвта, ги прочистува крвните садови и ја спречува атеросклерозата. Со еден збор, кромидиот е здрава храна и природен лек. |