Собранието на Република Македонија на 77-седница на предлогот на Владата ги именува Елвин Хасан за министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции и Музафер Бајрам како министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија.
Во образложение на предлогот, се вели дека младиот доктор на науки Елвин Хасан доаѓа на позиција министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции од позицијата претседател на НВО и долгогодишен граѓански активист, кој ги застапува правата на турската заедница во Република Македонија.
– Елвин Хасан зад себе има повеќегодишно работно исксуство како асистент во групата за турски јазик и книжевност и експерт од пракса за одделенска настава на турски јазик на Педагошкиот факултет.
Има објавено неколку научни трудови и докторирал на тема „Организација, раководење и управување со основното образование во Република Македонија и Република Турција“. Очекувам Елвин Хасан да ја оправда довербата и да одговори со посветеност на позицијата министер без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции.
Пратеникот Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците изрази уверување дека идниот министер задолжен за странски инвестиции Елвин Хасан ќе претставува гордост за турската заедница и единствен во историјата на Македонија претставник од турската заедница, односно граѓанин од Радовиш да биде министер.