Млади радовишани со зелена визија започнуваат иновативен проект со поддршка од рудникот Бучим

Шест млади ученици од општина Радовиш се новите носители на еколошката промена во својата заедница. Со поддршка од рудникот Бучим, а во соработка со Здружението „Круна Плус“, тие го започнуваат својот прв самостоен иновативен еко-проект, насочен кон идентификување, истражување и решавање на еколошки предизвици во локалната средина – преку објективот на младите, за младите.

Проектот е дизајниран како динамична платформа која комбинира едукација, теренско истражување, креативна акција и медиумско изразување. Младите учесници ќе имаат можност да учат од стручњаци, да работат во тим, да ја истражат својата средина и да продуцираат подкасти, јавни презентации и мини-кампањи со силна порака за еколошка свесност и одговорност. Целта е двојна: зголемување на свесноста за еколошките прашања и овозможување на младите да бидат активни креатори на позитивни општествени промени

Преку практична работа и креативни активности, проектот ќе им овозможи на младите не само да размислуваат критички и да анализираат конкретни проблеми, туку и да понудат реални, одржливи решенија. Во текот на претстојните месеци, тие ќе реализираат еколошки акции, медиумски содржини и работилници, со што ќе придонесат кон подобрување на локалната еколошка свест и практики.

„Преку проектот ќе можеме да се изразиме, да научиме како да работиме во тим, да ги застапуваме нашите ставови и да се зајакнеме како личности,“ – велат младите учесници во нивното воведно видео, подготвено како најава на активностите.

Рудникот Бучим, како општествено одговорна компанија, активно работи на градење на одржлива иднина преку поддршка на младински иницијативи и проекти. Овој проект е дел од таа поширока стратегија за ангажман со заедницата, особено во областа на животната средина и граѓанската одговорност.

Кристина Крстева, заменик-управител за одржлив развој на Бучим и Боров Дол: „Веруваме во потенцијалот на младите и знаеме дека вистинската промена започнува со нивната енергија и идеи. Преку овој проект, тие не само што ќе се едуцираат, туку и ќе се охрабрат да дејствуваат, да предлагаат решенија и да бидат активни чинители во заедницата. Наша обврска како компанија е да создадеме вакви можности. Преку оваа иницијатива, младите добиваат простор и поддршка да ја истражат својата околина, да мислат критички и да понудат решенија кои имаат потенцијал да предизвикаат позитивна промена.“

Александар Јашков, координатор на проектот од Здружение „Круна Плус“: „Ова не е само проект – ова е процес на трансформација. Младите добиваат простор да мислат критички, да делуваат креативно и да создадат содржини што инспирираат. Соработката со Бучим ни овозможи да изградиме безбедна и стимулативна средина каде младите не само што учат, туку и се слушнати“

Радовиш добива нова генерација на еколошки свесни, активни и инспирирани млади луѓе, кои не чекаат решенија – туку ги создаваат.

 

Погледнете повеќе

Повеќе информации