РАДОВИШАНИ ЌЕ ДОБИЈАТ КОНСТАНТНА И НАВРЕМЕНА ДИСТРИБУЦИЈА НА ВОДА

Во Радовиш започна да се реализира еден приоритетен проект со кој ќе се обезбеди константна и навремена дистрибуција на вода до граѓаните. 

Вредност на проектот е 860 илјади евра и предвидува изградба на цевковод и резервори за вода во неколку населени места во општината, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета на општина Радовиш, каде заедно со градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов извршија увид во изградбата на водоводна мрежа и резервоари за вода.

Изградбата на водоводот треба да биде завршена во март 2020 година, а проектот се реализира со поддршка на КФВ банката и буџетски средства, а покрај Радовиш, опфаќа подобрување на водоснабдувањето и во Кавадарци, Гевгелија и Гостивар и е со вкупна вредност од 13,8 милиони евра.

Министерот за транспорт и врски, Сугарески истакна дека општина Радовиш е избрана да влезе во проектот поради огромната потреба на граѓаните да бидат снабдени со квалитетна и константна диструбуција на вода.

„Како министер, особено се залагам за реализација на проекти за изградба и подобрување на комуналната инфраструктура, бидејќи не  можам да прифатам граѓаните да немаат аоодветно водоснабдување и канализација во 21 век. Очекувам со изградбата на овие резервоари водата констатно да биде достапна до сите домаќинства и ги уверувам граѓаните да бидат спокојни, бидејќи ќе им се реши еден горлив проблем со кој се соочувале со години, нема да има повеќе рестрикции на вода” – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Градоначалникот Конзулов, истакна дека за време на средбата со министерот Сугарески разговарале за инфраструктурните проекти кои се реализираат во општината со поддршка на централната власт, но и за проекти кои општината ги спроведува самостојно.

„Проектите кои се реализираат во општината и сите кои се планирани да започнат, граѓаните на Радовиш можат да бидат сигурни дека не се заборавени. Имаме огромна поддршка од централната власт за реализација на крупни капитални проекти и заеднички работиме за подобар живот на граѓаните.

Нашата општина влезе во проектот за изградба на локални патишта, со што од Министерството за транспорт и врски ќе добиеме поддршка во висина од преку 1 милион евра кои ќе бидат наменети за изградба на локални патишта на места каде до денес немаше начин да стигне освен со трактор” – изјави градоначалникот Конзулов.

При посетата на општина Радовиш, министерот Сугарески оствари работна средба и со пратеничката Милева Ѓоргиева и претседателот на Советот на општина Радовиш, Коле Чаракчиев.

 

 

Погледнете повеќе

Повеќе информации