Прво измени на законот, а потоа конкурс за избор на нотар во Радовиш
Радовишани до крајот на годинава тешко да добијат нотар и за било какво услуги ќе мора и понатаму да патуваат во Струмица. Законската регулатива од 2016 година била доста компликувана во делот на испитите, а во меѓувреме Министерството за правда ниту формирала комисија, ниту, пак, база на прашања. Вака одговори заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, кој тврди дека во моментов нема услови за распишување конкурс, но и услови за полагање за нотар.
„По донесувањето на законот 2016 година Министерството за правда во тоа време не направило база на прашања, база на студии на случај со претходно формирање на Комисии од експертската јавност кои ќе ги формира овие бази. Од тие причини во моментов е невозможно да се распише конкурс за нотар, но невозможно е да се распише конкурс и за полагањето на нотарскиот испит“ – изјави заменик министерот за правда, Оливер Ристовски.
Министерството за правда веќе ги изготви измените на законот за нотаријат за кои нотарската и адвокатската комора имаат спротиставени мислења и забелешки за што се чека нивниот став. Заменик министерот тврди дека Радовиш ќе има два нотари.
„Еден таканаречен судит помеѓу ставовите и мислењата на Нотарската и Адвокатската комора околу одредени прашања во самиот закон. Во тек е нивно усогласување, јас се надевам во најкраток можен рок дека ќе биде готово и веднаш ќе бидат објавени огласите за полагање на конкурскиот испит и конкурсот за избор на нотар“ – рече Ристовски.
Речиси половина година радовишани се без нотар заради заминување на единствениот нотар во пензија. Освен во Радовиш ваков проблем имаат и жителите на Кратово кои користат нотарски услуги од Куманово.