Претставата „Подигне ме“ вечер премиерно ќе биде изведена во 20 часот во Центарот за култура Ацо Караманов во Радовиш во режија на Македонка Илиевска и Златко Митрески.
Станува збор за копродукција меѓу „Центарот за изведувачки уметности и едукација Театар Пи“ и Центарот за култура „Ацо Караманов“ Радовиш.
– Текстот е филозофски, отворен, чесен, брутален, но и многу комично интересен. Игрово и забавно проникнување во природата на женските односи кон конзумеризмот, капитализмот и деструкцијата на современиот живот . Тоа е и социјалната метафора и критика на нео-либералниот капитализам во кој живееме по дарвинискиот принцип “јади за да не бидеш изеден”, наведуваат од Театарот Пи.
Шесте млади, успешни, силни и убави жени во претставата ги играат: Анета Илкачева, Викторија Коцева, Елена Чаракчиева, Верче Спасова, Маја Ужевска, Мартина Ристевска, кои ја водат својата битка за успех во општеството и разбивање на табуа.
Гледачите стануваат сведоци на нивните најинтимни преживувања, конфликтот на личноста и наложените општествени правила за успех, реализација и нормативи за среќа.