Положено свежо цвеќе на споменикот на Панче Пешев во Подреш и Кушкулија

По повод 80 години од загинувањето на Панче Пешев кај селото Кушкулија делегација на ЗБМ од Радовиш и делегација на сојузот на борците од Куманово негови сограѓани пред спомен плочата во Подареш беше положено свежо цвеќе.

За време на Мајската (пролетна) офанзива во 1944 година, при враќањето на Бригадата од Егејска Македонија, загинал во судир со бугарската војска во струмичкото село Кушкулија, на планината Готен, на 5 јуни 1944 година.

Панче Пешев (5. VII 1915 – 5. VI 1944) е македонски револуционер, учесник во НОБ, композитор и хорски диригент. Тој бил борец на Народноослободителниот партизански одред (НОПО) „Димитар Влахов“, на Кумановскиот НОПО и на Третата македонска народноослободителна ударна бригада (МНОУБ). Тој ја напишал песната “Ко челик сме ние”, која станала химна на Третата македонска ударна бригада.

На овој настан  учениците од ООУ „Коста Рацин“ од  Подареш се претставија со свои творби и пригодна програма, а присуствуваа околу 90 учесници.

Претставници од Здружението „Патриоти“ од Злеово во своја организација исто така положија свежо цвеќе на македонскиот револуционер Панче Пешев на споменикот кој е изграден на местото на загинувањето во атарот на поранешното село Кошкулија.

 


Панче Пешев (5. VII 1915 – 5. VI 1944) е македонски револуционер, учесник во НОБ, композитор и хорски диригент. Тој бил борец на Народноослободителниот партизански одред (НОПО) „Димитар Влахов“, на Кумановскиот НОПО и на Третата македонска народноослободителна ударна бригада (МНОУБ). Тој ја напишал песната “Ко челик сме ние”, која станала химна на Третата македонска ударна бригада.

Панче Пешев е роден на 5 јули 1915 година во Велес. На петгодишна возраст, неговото семејство се преселило во Куманово, каде завршил основно училиште и гимназија. Уште како ученик тој ја започнал револуционерната и музичката активност и го посветил својот живот на напредното работничко движење и на музиката.

Пешев учел виолина во Музичкото училиште „Мокрањац“ во Скопје, кај Трајко Прокопиев, како и теориски предмети во Музичкото училиште „Станковиќ“ во Белград. Часови по музика земал приватно кај Јосип Славенски и Јуриј Арбатски.

Во 1931 година тој станал член на СКОЈ, а во 1935 година станал член на КПЈ и бил избран за секретар на Месниот комитет на СКОЈ во Куманово. Во 1936 година станал член на Месниот комитет на КПЈ за Куманово.

Пешев истовремено членувал и во УРС-овите синдикати. Учествувајќи во работничките аматерски оркестри и хорски друштва, тој се пројавува и како диригент на некои од тие колективи. Диригира и со хорот и оркестарот на Друштвото „Абрашевиќ“ во Куманово (1935-1936).

По повод избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, ја компонира масовната песна Класје зелено на сопствен текст, повикувајќи ја младината во борба против фашизмот.

Поради својата политичка дејност двапати бил апсен во Кралството Југославија. Првиот пат во јануари 1936 година, кога бил казнет со казна затвор од 20 дена и вториот пат во април 1937 година кога бил осуден на две и пол години затвор. Од затвор излегил во ноември 1938 година. Кон крајот на 1939 година повторно станал член на МК КПЈ.

Во јануари 1941 година Пешев бил интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица. Додека бил во логорот, тој основал хор кој ги изведувал народните песни: Старци белобрадци, Млада овчарка, Помниш ли либе Галабо, Борјано, Борјанке и други.

Во текот на НОВ (1941-1944), неговите музички материјали се уништени од окупаторот. Не знаејќи дека се наоѓа во партизанските единици, оргуларот Арбатски, според постојните програми, ја извел и неговата „Шеста соната за оргули“ на концертите во Прага (1942) и во Лајпциг (1943). До денес не е потврдено дали станува збор за вакво дело на нашиот музичар.

По окупацијата на Југославија станува член на Воениот штаб на КПЈ за Куманово. Бил дел и од редакцијата на весникот „Дедо Иван“. На 12 октомври 1941 година го постројува Козјачкиот партизански одред и ги соопштува имињата на борците кои се назначени за командант и политички комесар. По разбивањето на двата кумановски партизански одреди, преминува во илегала и се крие во Велес и Скопје.

Во јуни 1942 година заминува во Струмица. По два месеца се враќа во Скопје, каде што набрзо е уапсен во врска со убиството на Мане Мачков на 20 август 1942 година. На 14 септември 1942 година, заедно со група од осум политички затвореници од селото Рудник, Велешко, е доведен на стрелање во месноста Пуста кула, но успеал да избега.

Кон крајот на септември 1942 година се приклучил на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Во ноември 1943 година станал борец на Кумановскиот партизански одред, а потоа и на Третата македонска бригада. Како борец на бригадата Панче Пешев ја компонирал музиката на популарната македонска борбена песна од НОВ, која станала Марш на Третата македонска бригада „Ко челик сме ние“.

На 16 март 1944 година раководството на КПМ го исклучило Пешев од партијата, заедно со Благоја Стевковски – Гојчо.

За време на Мајската (пролетна) офанзива во 1944 година, при враќањето на Бригадата од Егејска Македонија, загинал во судир со бугарската војска во струмичкото село Кушкулија, на планината Готен, на 5 јуни 1944 година.

 

 

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

Погледнете повеќе

Повеќе информации