• Услови за користење

ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ВО НЕДЕЛА ГО СЛАВАТ БАДНИК, ДЕН ПРЕД ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – БОЖИЌ

Православните христијански верници во Македонија во недела го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.

Христијанските верници што се раководат според Јулијанскиот календар се подготвуваат за Бадник, ден пред големиот празник- Божик, Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божикните пости.

На Бадник според традицијата, семејството се собира на посна вечера, со желби за многу здравје, среќа и бериќет. Специфичната традиција за македонската прослава на Бадник е во секоја куќа да се меси лепче, пита или погача во која се става паричка.

Рано изутрина, пак, Рождеството Христово ќе го најават децата коледарчиња.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик, најголемиот христијански празник.

 



 

 




Related Articles

Временска прогноза