ПРВ АКАДЕМСКИОТ ЧАС НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“

За околу 1500 студенти во прва година денес започнува академската 2019/20 година.

Универзитетот „Гоце Делчев“ преку свечен академски час им посака добредојде на близу 1500 нови студенти кои во наредната студиска година ќе бидат дел од УГД. 

Свое обраќање традиционално имаше и ректорот на Универзитетот проф. Д-р Блажо Боев. Тој во својот говор порача дека студентите ја имаат можноста да ги остварат соништата на сите претходни генерации и да ја однесат државата таму каде припаѓа.

Светот во кој живееме во потполност е променет. Потполно различен од она што го живеевме вчера. Барем така изгледа во неговата појавност. Меѓутоа колку и да ни се чини дека тој се менува во својата појавност, дека имаме на располагање се поголема роба и услуги, дека се користиме со се помоќни технологии, дека можностите ни се поголеми, некои темелни прашања на постоењето и живеењето на човекот и понатаму се отворени. Дали луѓето поради поголемото имање на добра се подобри? Дали се порамноправни? Дали имаат поголемо влијание во производството? Дали повеќе одлучуваат за својот живот? Сите овие прашања се и понатаму отворени. Емпириските докази не го поддржуваат наивното очекување на мнозинството.

Дистрибуцијата на богатството е неправедна и се поголема е разликата меѓу богатите и сиромашните. Ако во развојот на општествата едно од константите е неправедноста и нееднаквоста во распределбата на богатствата и на животните прилики тогаш секако дека константа е и пристапот кон знаењето и образованието.  Затоа вие млади колеги искористете ја можноста која ја имате и стекнете знаење кое вие сметате дека ви е потребно за животот кој е пред вас. Стекнете знаење за животот. Станете похумани, потолерантни, станете вистински луѓе за да ги изведете промените кои треба да се случат во нашето општество. Бидете вистинската авангарда на нашето време.

Вие сте реалноста. Се друго е само илузија. Ви посакувам среќа и успех во годините на вашето студирање на УГД во Штип. Ви посакувам да ги остварите вашите соништа. Ви посакувам да бидете идните лидери на нашето општество и еднаш засекогаш вашата генерација да ги оствари соништата на сите претходни генерации за едно европско општество, рече меѓу другото ректорот на УГД, проф. Д-р Блажо Боев.

Првиот академски час се одржа денес во Мултимедијалниот центар на УГД, а веднаш после завршувањето се отвори и ликовна изложба на Ликовната академија при УГД во Уметничката Галерија Безистен.

 

УГД




 






 

 




 





 

Погледнете повеќе

Повеќе информации