При постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Одлуката на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а доколку има потреба да биде надминат овој период, односно состојбата да трае подолго, владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба. Собранието и претседателот на државата во секое време може да побараат усмен или писмен извештај за состојбата во областа за управување со кризи.
Техничкиот премиер објасни дека Собранието прогласува вонредна состојба, но ако е распуштено, постои уставна одредба тоа да го стори претседателот на државата – тој може да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Спасовски потенцира и дека нашата држава прв пат во својата историја ќе донесе ваква мерка. Воведувањето вонредна состојба, дополни, е една од најтешките одлуки што ги донела која било влада.
Законот и овозможува на владата да донесува oдлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на Градот Скопје, како и за управување со нив во случај на кризна состојба. Употребата на ресурсите за остварување на активностите треба да биде пропорционална според природата и интензитетот на кризната состојба, разумна според карактерот на кризата и сериозна според јачината и обемот на кризата.
Претседателот Стево Пендаровски вечерва прогласи вонредна состојба во државата. Ваквата одлука е донесена, како што рече во обраќањето до граѓаните, за поефикасно справување со коронавирусот.
Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во тој период Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да информираат за преземените активсоти ижурираните планови за постапување во иднина.
Владата ќе продолжи да функционира како техничка.