Денес втори Април, Меѓународниот ден за подигање на свесноста за лицата со аутизам.

Со резолуција на Генералното обрание на Обединетите нации од 2007 година, 2 Април се одбележува како Меѓународен ден на аутизмот.

Аутизмот претставува первазивно развојно нарушување кое се дефинира со постоење на ненормален или оштетен развој кој се манифестира пред третата година од животот со карактеристичен облик на патолошко функционирање во сите три области на социјалните интеракции, во комуникациите и со повторувачко однесување (СЗО).

Република Македонија нема свој регистар врз основа на кој ќе може да изготви стратегија за подобрување на местото на оваа група наши сограѓани во општеството, како и акциски план за реализација на активностите.

Потребно е зајакнување на соработката меѓу различни сектори и министерства со заедничка цел – подобрување на состојбата на лицата со аутистично нарушување во сите сфери на секојдневниот живот и нивна интеграција во општеството. Само со заедничко дејствување на ресорните министерства, академската заедница, невладиниот сектор, центрите за третман, обрзовниот систем со ресурсните центри и локалната заедница, може да се добие посакуваниот ефект – лице со аутистичен спектар кое може да биде дел од сите текови на општеството. Медиумите се секогаш значаен партнер во кревање на јавната свест и прифаќањето на лицата со аутизам во општеството. Грижата мора да биде насочена и кон семејствата, на семејствата им се неопходни системски организирана психо-социјалната поддршка и повеќе ресурси.

Аутизмот како специфична состојба, бара и задолжителен, континуиран, интензивен третман што ќе резултира со подобрување на целокупната состојба на децата. Интензивните терапии бараат повеќе часови терапија во текот на неделата и опфаќаат бихевиорални, развојни и образовни цели. Според многубројни истражувања докажано е дека раната интервенција и третман позитивно влијаат на состојбата на децата, па поради тоа секое дете со аутистичен спектар на нарушување треба да биде опфатено со ран и континуиран третман. Не смее да се заборави дека е неопходн прецизно утврдување на стандардите во третманот на децата со аутистичен спектар на нарушувања.

 

Погледнете повеќе

Повеќе информации