Тројцата браќа Вејселови од Конче со своите фамилии, без аргати, сами произвеле близу седум тони тутун. Тутунот е тежок за производство, велат Вејселови, од расадување, берење, нижење до калапење во него учествува од најмалиот до највозрасниот член на фамилијата.
„Не се жалиме од работата, само да се плаќа добро. Годинава имавме одличен откуп, дури половина од тутунот што го предадовме ни помина во прва класа и со тоа постигнавме просечна откупна цена од 240 денари“, вели Ибраим Вејселов.
Во државата има 200.000 земјоделски семејства кои својата егзистенција ја обезбедуваат од земјоделско производство. Состојбата во овој сектор изминативе години беше особено лоша, земјоделците и покрај работата осиромашија а производството опадна.