Овие денови ни пристигна ексклузивна вест од Русија!
Нашата млада пијанистка Јана Јованова повторно се вброи помеѓу победниците на голем интернационален музички натпревар, овој пат во Русија. Станува збор за „Международный онлайн конкурс классической музыки – VIVA-MUSIC ALL WORLD”.
Овој натпревар е во организација на Министерството за Култура на Руската Федерација (Министерство Культуры Российской Федерации); Меѓународната фондација „VIVA-MUSIC“ (Международный общественный фонд «Viva-Music»); Организацијата РУСИЈА – САД (Rossotrudnichestvo, Russia-USA); Музичкото Училиште од Менхетн – Њујорк (Manhattan School of Music – New York); Карнеги Хол – Њујорк (Carnegie Hall, New York) и Стенвеј Хол – Њујорк (Steinway Hall, New York). Станува збор за натпревар, на кој во повеќе години наназад, имаат учествувано музичари на класична музика со различни инструменти од сите возрасти како и од сите краеви на светот.
Оваа година поради светската пандемија со КОВИД-19, овој натпревар се организираше исклучиво Онлајн. На официјалната веб страна на натпреварот беа поставувани видеата од натпреварувачите а исто така беа јавно објавувани на нивниот Фејсбук профил. Членовите на жири-комисијата јавно ги пишуваа своите оценки, коментари, препораки за секој музичар со што на транспарентен начин сите можеа да имаат увид во конечната одлука за наградите.
„Девојката многу ми се допадна. Компетентно и со вкус, вистински детален музичар. Девојка со добро упатени прсти… Природно музички…“
„Младата изведувачка е само на почетокот на нејзината креативна кариера, но ова претставување укажува на тоа дека девојчето има голем креативен потенцијал.“
„Јана музицира прекрасно, совршено го создава расположението, ја менува хармонијата многу експресивно…“
„Јана се откриваше музички, очигледно на девојчето му се допаѓа оваа музика. Добро сторено!“
„Честитки! Јана е многу музикална девојка, ми се допадна настапот…“
Ова се само дел од коментарите на жири-комисијата составена од врвни музичари, педагози и заслужни уметници на Русија и САД.
Како конечна оценка на натпреварот Јана се здоби со награда ЛАУРЕАТ со што доби сертификат и официјална покана за настап на концертот “Global Artists Debut Concert” кој што треба да се одржи во месец јуни следната 2021 година во престижната „Карнеги Хол“ во Њујорк (Carnegie Hall, New York).
„Од секогаш сум посакувала да имам свој настап на некоја голема сцена во Русија, за жал овој пат мојот настап беше виртуелен преку онлајн претставување. Искрено се надевам дека наскоро веќе конечно ќе престанат ограничувањата за патувања и дека ќе имам можност да ја искористам приликата која што ми е дадена за да имам свој настап во Њујорк“ – вели Јана.
Јана Јованова со своите 10 години и само 4 години активно изучување пијано, до сега има добиено околу 30-тина награди и признанија на државни и меѓународни натпревари меѓу кои (освен во Балканските држави) во Милано, Венеција, Берлин, Париз, Виена, Лос Анџелес…
Таа е добитник и на Шестоноемвриско Признание и Плакета за особени достигнувања на општина Радовиш.
„Навистина е невообичаено во оваа ситуација на ограничувања и забрани за патувања и настапи да се одржи мотивацијата за работа кај една млада личност. Од друга страна треба да се има во предвид дека е многу потешко да се претстави еден млад музичар преку видео кое може повеќе пати да биде прегледувано и на кое може да се забележат и најситните детали и евентуални грешки.
Јас како родител би можел да кажам дека сум презадоволен од начинот на кој што функционира Јана во целиот овој период. Во оваа прилика би сакал за прв пат и јавно да ја искажам нашата голема благодарност до сите кои ја поддржуваат Јана во своите активности. Без сите нив Јана не би ги постигнала сите овие успеси“ – истакна таткото на Јана, професорот Петре Јованов.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови за користење