СВЕТИ ВЕЛИКОМАЧЕНИК ДИМИТРИЈ (МИТРОВДЕН)

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Свети Димитриј се родил во Солун, во третиот век. Бил син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го поставил Димитриј на истото место и посебно му препорачал да ги гони христијаните.

Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонел, туку и јавно ја исповедал и проповедал верата во воскреснатиот Христос.

Штом слушнал за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, свратил во Солун, за да ја испита работата.

Го повикал Димитриј, кој не ја одрекувал својата вера и дури и го убедувал цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневил и го фрлил Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погубил.

Некои христијани го зеле неговото тело и чесно го погребале.

На тоа место подоцна била подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун.

Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.

 



Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

Related Articles

Временска прогноза