ПРЕТСТАВНИЦИ ОД РАДОВИШ ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ТЕТЕВЕН

РАБОТНА СРЕДБА НА ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ОПШТИНА РАДОВИШ СО ОПШТИНА ТЕТЕВЕН, РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА ВО СКЛОП НА ЕУ ПРОЕКТОТ „ЗАЕДНО СОЗДАВАМЕ ПОДОБРА ИДНИНА“

Согласно одобрениот проект „Заедно создаваме подобра иднина” од програмата „Европа за граѓаните”, деновиве претставници од општина Радовиш остварија работна посета на збратимената општина Тетевен (Република Бугарија).

Во склоп на посетата, најпрво беше остварен прием кај Градоначалникот на општина Тетевен, Д-р Мадлена Бојаџиева која изрази огромно задоволство заради добиениот проект. Потоа се одржа работна средба помеѓу претставниците од општина Радовиш, Игор Чапов – советник за култура и спорт и Борче Панов – советник за образование и работниот тим од општина Тетевен задолжен за спроведување на проектот „Заедно создаваме подобра иднина“.

На почетокот од средбата, домаќините и претставниците од општина Радовиш го изразија своето огромно задоволство од одобрениот проект и можноста да се продлабочи соработката помеѓу двете општини во повеќе сфери од општествениот и економскиот живот.

Инаку проектот е со вкупна вредност од 22,175 евра и сите активности поврзани со него ќе се одржат на територијата на општина Тетевен во периодот од 18 до 21.07.2019 година. Во активностите се предвидува да учествуваат вкупно 370 луѓе, претставници од двете општини во сферите на: младинските организации, образованието, културата и бизнис заедницата.

Вo рамките на четирите дeнови ќе бидат одржани два панел – форуми и тоа бизнис форумот, како и форумот со дебатите на младите за иднината на Европа и европските политики за младите. Во првиот форум учество ќе земат претприемачи, трговци, хотелиери, угостители, земјоделски производители и занаетчии, коишто ќе разменат искуства и идеи во сферата на претприемаштвото, а во вториот форум, директорите на училиштата, експертите и младите ќе ги образложат своите становишта за европските политики, за образованието и за вработувањето на младите. Ќе бидат разменети добри практики од двете општини во сферата на иновативното образование, двојно учење и механизми за инклузивно образование. Фолклористите од општина Радовиш ќе се вклучат во традиционалниот празник на народните обичаи и изворната народна носија од општина Тетевен, којшто ќе се реализира во селото Рибарица, каде што сите гости на фестивалот ќе имат можност да присуствуваат на Вечерта на македонскиот фолклор која ќе се одржи на 20.07.2019 год.

Инаку претходно на 22.08.2018 година, општина Радовиш потпиша Меморандум за соработка и пријателство со општина Тетевен, Република Бугарија кадешто дел од заедничките активности во рамките на соработката беше аплицирање за заеднички проекти финансирани со европски програми.

 

Општина Радовиш

 

 




 

 

 




 





 

Related Articles

Временска прогноза