ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ШУПЛИВО ЗЛАТО“ ОД НАШИОТ СОГРАЃАНИН ПЕПИ МАНАСОВ

Светскиот ден на мајчиниот јазик НУ – Библиотека „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа со промоција на книгата Шупливо злато и изложба на графичко-релјефни слики од младиот автор нашиот сограѓанин Пепи Манасов кој пишува на мајчиниот јазик. 

Промотор на книгата беше проф.д-р Јованка Денкова која истакна: „ Ова е приказна која ќе ве потсети дека животот не треба да се сфаќа и да се гледа површно, туку треба да се загребе малку под површината, да се цени она што се има бидејќи е незаменливо. А тоа многу добро се открива со малото загребување во златото на Манасов, зашто тоа загребување ја открива вистината за лажливоста на овој свет, како свет во кој, сепак, најважни се семејството, пријателството и љубовта.“

Промотор за изложените слики м-р Петар Деноков меѓу другото истакна: Пепи Манасов со неговиот интерес кон митологијата, историјата и културата стои како најдобар пример за модерниот културен човек, чиишто ренесансен карактер алудира на мултидисциплинарноста на ренесансните уметници.

Неговото познавање и примената на симболи од разнострани култури во неговите релјефни композиции укажуваат на една длабока емотивна поврзаност во однос на проучување како на нашата така и на странските култури и желба за еден нивно воскреснување преку ликовните медиуми.

Неговите дела располагаат со богат фонд на симболи и композициски елементи кои вешто се вткаени во крутиот и релативно тежок за изработка материјал. Во неговото ликовно творештво се чувствува и влијанието на различни влијанија од различни култури ширум светот, култури географски и временски се оддалечени.

Тие се исклучително значајни за зародување на интерес кон исчезнатите, но не и заборавените антички цивилизации. Истото важи и за нашето минато, нашата историја, за христијанството и неговата идеологија, чијашто историска запаметеност зависи од идниот интелектуален слој на општеството.

 



 





 




Related Articles

Временска прогноза