ДОСТАВУВАЊЕ ЛИЧНИ КАРТИ И ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ НА ДОМАШНА АДРЕСА

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев извести дека подготвиле измена на правилникот за работа на службите.

Личните карти и возачки дозволи на граѓаните ќе ги доставуваат полицајци на домашна адреса. Имено, за да се намали метежот во Управните служби на Министерството за внатрешни работи од понеделник новите лични карти и возачки дозволи граѓаните ќе ги добиваат на домашна адреса.

-Во понеделник ќе го смениме правилникот на Министерството за внатрешни работи со што ќе се остави можност личните карти и возачките дозволи да може да се доставуваат од страна на полициски службеници на домашните адреси. За патните исправи не постои техничка можност за достава на домашна адреса бидејќи тие мора да се земаат повторно со отпечаток од прст, изјави министерот Чулев.

Од МВР велат дека нивната служба за Управни работи има конкретни упатства за дезинфекција на уредите каде граѓаните оставаат свои отпечатоци, а вработените се придржуваат и до посебни правила за одржување соодветно растојание при извршување на техничките процедури и сликање на граѓаните кои поднесуваат барања за издавање документи.



 

Погледнете повеќе

Повеќе информации