15 НОВОЗАБОЛЕНИ, 570 ВО МАКЕДОНИЈА, 4 ВО РАДОВИШ

Филипче: 15 новозаболени и три смртни случаи, апелирам до сите да се придржуваат кон новите порестриктивни мерки за движење, само така ќе го намалиме бројот на заболени во нашата земја, само така нашиот здравствен систем ќе остане стабилен.

Прес-конференција на претседателот на Владата Спасовски, министерот Филипче и д-р Владимир Микиќ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на прес-конференцијата на која што заедно со претседателот на Владата Оливер Спасовски и со д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, беа објавени новите дополнети ограничувања на движењето на граѓаните на целата територија на земјата, ги соопшти најновите информации во врска со новодијагностицираните пациенти, состојбата на веќе дијагностицираните пациенти и институциите во делот на организација.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа тројца пациенти, пациент од Кочани, на 40-годишна возраст, пациент од Тетово на возраст од 69 години и пациент исто така од Тетово на 65-годишна возраст. Од Инфективната клиника денеска заминуваат четворица оздравени пациенти, бидејќи се негативни нивните два контролни теста на коронавирус. Од Дебар се стигнати и резултатите на три лица, после два контролни теста, и тие се негативни. Тие се практично оздравени и се на домашно лекување, во координација со локалната болница и доктори коишто правеа визита во нивните домови. На Инфективната клиника, до утрово се примени 10 нови пациенти, сега се хоспитализирани вкупно 70, од кои осум се пациенти на механичка вентилација, вкупно 10 се со потешка клиничка слика, другите се со средно тешка клиничка слика, односно манифестација на болеста“, соопшти министерот Филипче на прес-конференцијата.

Во болницата ГОБ „8-ми Септември“, информираше Филипче, вчера се примени четири пациенти за коишто се чека резултатот да стигне во текот на денешниот ден и има двајца пациенти коишто се на респираторна машина. Во болницата во Битола е хоспитализиран еден пациент, меѓутоа во тек е трансфер на сите пациенти коишто беа претходно хоспитализирани во болницата во Охрид.

Регистрирани се 15 нови случаи на коронавирус во земјава, по градови: Скопје – 4, Куманово – 8, Тетово – 1, Струга – 1 и Штип – 1.

Еден од случаите пријавен од ЦЈЗ Куманово по место на живеење е од општина што припаѓа под Подрачната единица Крива Паланка. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска изнесува 570 лица.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа 3 пациенти. Почина пациент од Кочани на возраст од 40 години, хоспитализиран на 29 март на клиниката, без познати коморбидитети, пациент од Тетово на возраст од 69 години со претходни коморбидитети и уште еден пациент од Тетово на возраст од 65 години.

Од оваа клиника денеска се испишани 4 оздравени пациенти, а Институтот за јавно здравје информира за уште три лица во Дебар, кои по два контролни теста се негативни и истите се сметаат за оздравени.

Во изминатото деноноќие направени се 202 тестови. Од нив преку ИЈЗ- 168, преку Ветеринарен факултет –0, Авицена –11 , Биотек – 0 и Фипил Втори (Жан Митрев) – 23. Досега во земјата се направени 5.493 тестирања на Ковид-19.

Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во:
Скопје – 239
Куманово – 121
Дебар – 49
Штип – 20
Прилеп – 33
Тетово – 29
Струга – 25
Велес – 10
Битола – 6
Охрид – 3
Кавадарци – 2
Гостивар – 4
Гевглелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка- 3
Радовиш -4
Крушево – 2
Кочани – 14



Related Articles

Временска прогноза