ЦЕЛЕР – здравје од вашата бавча

Други називи: ак, церевиз, питом целер, селен, селин. Латинско име: Apium graveolens. Англиски: celery.

Целерот е двегодишна зелеста билка со меснат и вретенаст корен кој понекогаш може да биде и сплескан. Стебленцето му е разгрането, а достигнува висина од 40 до 80 сантиметри. Темнозелените и сјајни листови се големи и перјасто разделени, додека ливчињата имаат клинест облик. Горе се врежани и назабени.

Целерот (лат. Apium graveolens) е растение кое многу наликува на магдоносот со таа разлика што растението на целерот расте повисоко, листовите му се поголеми, и може да формира топчест корен. Познати се повеќе видови целер, но најраспространет е лиснатиот и оној кој прави топчест корен. Корисните состојки се присутни во сите делови на растението, како во коренот, така и во стеблото и листовите, а и во самото семе. Во минатото целерот се одгледувал само за есен и рана пролет, додека денес може да се набави (по пазарите и маркетите) цела година.

Историја на целерот

Целерот бил познат уште на старите Грци. Во Хомеровата Илјада се опишува како коњите пасат див целер, а во Одисеја се спомнува постоење на ливади со див целер. Заради пријатната арома и зелените листови, целерот е поврзан со култот на смртта, па во стара Грција се правеле венци за умрениот токму од лисјата на целерот. Венци од целер добивале и победниците во старогрчките Истмиски игри (одржувани во чест на богот Посејдон) и на Немејски игри. Кај древните Грци, во Рим и Египет целерот бил употребуван како лек против некои болести. Во свое време, Хипокрит говорел дека ако нешто не е во ред со твоите нерви, јади многу целер. На почетокот целерот се користел само како лек но дури во 17 век почнал да применува во исхраната.

Состав на целерот

Целерот содржи огромно количества на витамини и минерали и тоа во сите негови делови, и лисјата и стеблото и коренот. Листовите на целерот се богати со витамин C и каротин, а коренот содржи калиум, калциум, фосфор. Во сите делови на целерот постои никотиновата и глутаминовата киселина и мало количество шеќер. Стеблото содржи големо количество разни соли и токму затоа се препорачува да се пие сок од него. Присуството на органската глутаминска киселина, го прави целерот широко да се применува во кулинарството како корисен засилувач на вкусот и мирисот. Ценет е по големото количество на прехранбени влакна, рибофлавин и хлорофил. Ги содржи витамините А, К, РР, витамини од групата В, содржи некои аминокиселини, разни етерни масла, НЕ содржи маснотии ниту пак холестерол. Од минералите целерот ги содржи калиумот, цинкот, калциумот, железото, фосфорот, магнезиумот и она што е многу битно содржи само мало количество на натриум. Заради ваквиот сооднос на натриум и калиум служи како одличен диуретик.

Својства на целерот

Целерот е од огромна полза за човечкиот организам. Тој има особина да го прочистува организмот од токсините, па заради своите анти токсични својства одличен е за „пролетно“ чистење на организмот, после зимските денови. Кога сме кај тоа, само да ви кажам дека во Јапонија практикуваат еден ден во неделата да се јаде само целер во секаква форма. На тој начин, Јапонците си го прочистуваат организмот. Па зошто и ние тоа да не го правиме? Целерот, не само што ги отстранува отровите од телото, туку помага во регулација на крвниот притисок, делува поволно при заболувања на црниот дроб и жолчка, а помага во регулирањето на шеќерот во крвта, поради што им се препорачува на дијабетичарите.

Само две стебленца од целер содржи 15% од дневната потреба на организмот од витамините А и С. Освен тоа, целерот е малку калоричен продукт, 2 лажици целер има 2,7 калории.
Целерот е богат и со прехранбени влакна, па токму затоа и помага за намалување на гасовите во стомакот и отстранување на токсините од организмот.

Целерот е изразен диуретик (исто како и магдоносот) според тоа тој ја исфрла вишокот течност од организмот, а со тоа помага за намалување на отоците. Значи, целерот ја поттикнува работата на бубрезите и е добар за лицата со отоци предизвикани од кардиоваскуларни заболувања.
Всушност, целата билка е хранлива. Може да се цеди сок од неа (особено од гранчињата), а сокот е одличен за зглобовите, воспаление на уринарните патишта, помага при реуматскиот артритис, го намалува стресот, а го подобрува и памтењето.

Семето на целерот е база во хомеопатската терапија како диуретик.
Благодарение на големата содржина на етеричните масла, целерот го стимулира целиот организам. Има влијание на состојбата на кожата, при тоа помага за регенерација на клетките, а има против воспалително дејство и тоа на целиот организам, на сите органи, а не само на кожата. Постои мислење дека диети каде што целерот е застапен ја прочистува крвта, а тоа значи дека му ја олеснува работата на црниот дроб.

Целерот ни подарува енергија, но не и калории. Тој е меѓу најниско калоричните хранлив продукт. 100 г целер, има сами 18 ккал, (некој податок вели дека тоа се само 13 ккал).

Ако во текот на денот се грицка целер, особено стебленцето од целерот, тогаш е загарантиран добар сон. Веројатно, затоа во составот на некои средства за спиење влегува екстракт од целер.
Семето од целерот содржи некои масло кое има широка примена во козметиката, парфимеријата и фармацевтската индустрија.

Примена на целерот во кулинарството

Целерот може да се консумира во секаква форма. Може да се јаде свеж, варен во супи, варива, може да се похува, да се пржи. Може да се залева со кисело млеко или јогурт, одличен е потпечен со павлака и сирење. Секако, најполезен е свеж. Најценет дел од целерот се крцкавите стебленца и топчестиот корен. Листовите и семето се употребуваат како зачини.

Како се јаде целерот?

Значи, јадлив е буквално секој дел од него, лисјата, стеблата, коренот. Коренот обично се вари или се запечува, стебленцата обично се употребува во сирова форма но подеднакво може и да се варат и пржат. Лисјата и семето претставуваат одличен зачин кон секое вариво. Целерот може да се додава во секоја салата, а прекрасно одговара кон секој вид месо, риба или морски плодови.

Дали сте знаеле дека?

1. Колку што е поситно исечкан коренот на целерот толку аромата ќе биде поизразна.
2. Иако можеби и не е неопходно, но лисјата може да се конзервираат за зиме. Тоа се прави така што лисјата ситно се сечкаат, се додава сол, добро се измешува и се сместува во стаклена тегла. На 100 г листови се содава 20 г сол. Може да си ја замислите аромата на супата среде зиме ако во неа се додаде од оваа смеса, но при тоа треба да се внимава дека е солена, па не е потребно да се соли супата.

Запомни. Лековитите својства, целерот ги покажува само ако се јаде свеж , термички необработен. И да се разбереме. Целерот не е лек, иако за тоа се пишува. Тој служи само како ПРОФИЛАКТИКАТА и треба почесто да се консумира.

 

 

 

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

 


 



 

 

 

 

 

Related Articles

Временска прогноза