Објавено во цариградскиот весник Новини од 4 јуни 1891 година.
Градот Радовиш е расположен меѓу два долги рида кои се делат на многу височинки во една долина од северозапан кон југосток. Бројот на куќите изнесува над 1000 со шест илјади жители. Куќите повеќето се со еден кат, просто направени и ретко се среќаваат двокатни и подобро направени…
Радовишката околија држи 8 часа во должина, 6 часа во ширина и 22 часа обиколка. Почвата и е црна земја, песочница и варовита. Таа произведува жито, ориз, леќа, грав, анасон, дињи, лубеници и афион. Радовишани најмногу се занимаваат со одгледување на афион на кој ја полагаат сета надеж, зашто од него има повеќе приход отколку од другите производи. Од овошјата тука се раѓаат ореви, сливи, круши, мигдали, праски, црешни идр.
Климата воопшто е умерена и повеќе влажна и ладна. Поглавните занаети со кои се занимаваат граѓаните се: самарџилак, шарланџилак, кацарство, мутафчилок, туфекчилак, абаџилак, коларство и тн. Според состојбата на прво место стојат трговците, а по нив по ред идат абаџииџте, бакалите, шарлаганџиите итн. Облеката што ја носат граѓаните воопшто е проста. Малкумина мажи носат панталони, а обично носат беневреци, потури, шалвари, појаси, џубе итн.
Жените во градот исто така просто се облекуваат и носат прости фустани, сукњи, повеќе од евтин материјал. Копринена облека многу ретко се употребува и тоа од најбогатите луѓе. Карактеристика на јазикот тука е што многу брзо ги зборуваат зборовите, често го употребуваат зборот веле, наместо кажува, и во јазикот има многу турски зборови, повеќе се слушаат зборови од литературниот јазик отколку од просто говорниот. И граѓаните и селаните употребуваат еден и ист дијалект и изговарање на зборовите.
Михаил К. Шатоев. Радовиш, 5 јуни 1891 г.
Објавено во цариградскиот весник Новини од 4 јуни 1891 година.