Кандидатите за возачка дозвола за сите видови категории, кои ја имаа поминато обуката низ автошколите од Југоистокот, веќе нема да патуваат за полагање на завршниот испит во Штип и Велес. Фирмата „Испитен центар Струмица“ доби лиценца за работа по распишаниот јавен повик на МВР, откако на претходниот „Ас Струмекс“ му истече десетгодишната дозвола. Во Југоистокот речиси девет месеци не се полагаше за возачка, поради што околу 1.000 кандидати од Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија мораа да чекаат или да патуваат во некој друг испитен центар за да го завршат теоретското и практичното тестирање за да добијат дозвола.
Новиот оператор „Испитен центар Струмица“ деновиве ги почна завршните испити. Се полага во Струмица, Радовиш, Валандово, Гевгелија, за што има опремено простории и полигони во сите места согласно одредбите за функционирање на испитен центар.
„Сите заинтересирани кандидати од Југоистокот кои ја завршиле обуката низ автошколите, а чекаа со месеци, може да се пријават за реализација на последниот испит за возачка. По утврдена динамика може да се полага во Струмица, Радовиш, Валандово и Гевгелија каде ги имаме обезбедено сите услови согласно законската регулатива со надзор на стручна комисија“, вели Михајло Јорданов, контролор од новиот испитен центар кој ги охрабри идните кандидати да го почнат процесот за возачка.
Во овој период, бидејќи немаше завршно полагање, значително опадна интересот кај младите за обука кај автошколите и добивање возачка дозвола. Најмногу погодени беа кандидатите кои ја поминаа обуката, но морааа со месеци да чекаат за полагање на последниот испит. МВР во мај донесе решение при што ги упати кандидатите да полагаат во други центри.
Претходниот „Ас струмекс“’ полагањето на завршниот испит составен од теоретски и практичен дел го прекина на 1 декември минатата година, бидјеки членовите на комисијата немале лиценци за испитувачи. Откако беа донесени законските измени и се пролонгираа лиценците за испитувачи во 2019, МВР на ,,Ас Струмекс“ му изрече забрана за работи оти немале полигон во Валандово.
Новинар: Ване Трајков