АЛПИНИСТИЧКА АКЦИЈА ВО ВРАЦА, БУГАРИЈА – Учество на членови од АК Плоча и АК Матка

Репортажа

Од 23 до 25 Ноември се реализираше алпинистичка акција на Македонската алпинистичка федерација во соседна Бугарија при која што беа реализирани качувања во локалитетите Враца и Лакатник. Акцијата е дел од програмата за работа на МАФ за 2018 година и истата е подржана од Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.

Во акцијата учествуваа осум алпинисти, меѓу кои и петмина најмлади алпинисти на МАФ, членови на алпинистичките клубови Матка од Скопје и Плоча од Радовиш.

Првично акцијата беше планирана да биде реализирана само во алпинистичкиот локалитет Враца каде што имаше прилично комплицирани услови за работа – ниски температури, силен ветер и снег и мраз на карпите. Со Зоки Мајсторски (АК Плоча) инструктор во МАФ решивме да ги искористиме овие услови за ситуационен тренинг на младите. За работа избравме безбедни насоки каде што лесно можевме да ја асистираме работата на алпинистите. 

И покрај отрпнатоста на рацете и нозете од студот децата одлично се справуваа со за нив новите ситуации и качуваа респектибилни тежини (со оглед на температурите и условите на карпата) до 6а. За среќа овој пат имавме буџет за да можеме да си дозволиме топли простории и топла храна после качувањето што беше добра завршница на тренажниот ден.

Последниот ден од патувањето, 25.11.2018 решивме да се префрлиме во качувачкиот локалитет Лакатник каде што се фокусиравме на техника на качување во кратки насоки. Престојот во Лакатник беше искористен и за размена на многу корисни искуства и качувачки техники со алпинисти и спортски качувачи од соседна Бугарија кои не прифатија со пријателско расположение и желба за соработка.

Учесниците во акцијата – децата на возрст од 6 до 17 години, имаа незаборавни три дена. Измрзнаа “до коска“, се соочија со непријатни услови за качување, имаа прилика да качуваат во феноменално уреден локалитет покрај врвни алпинисти и качувачи и на крајот сите жалеа што мора да се вратат дома и прашаа дали може и следниот викенд да дојдат повторно на качување на истите места. Значи главната поента на акцијата е постигната.

Македонската алпинистичка федерација главниот фокус на своите активности во наредниот период ќе го стави на напредните алпинисти и на најмладите. Тоа се двете најважни категории кои можат да направат поместување на моменталната состојба во алпинизмот и да обезбедат долгорочна иднина. Забележителни резултати во смисла на качувања од висока категорија можеби нема да дојдат во најблиска иднина, но сигурно ќе се создадат услови за одржлив развој на алпинизмот. Со соодветна институционална подршка македонската алпинистичка федерација може да даде значаен придонес кон развојот на македонскиот спорт – Информираат од Македонската алпинистичка федерација.

 

Костантин Циривири,
Инструктор во МАФ

 

 





 

 

 

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза