Резултати за книжевната награда „КАРАМАНОВ 2020„ по конкурсот за најдобра необјавена поетска книга распишан од страна на Центар за култура „Ацо Караманов Радовиш и Управниот одбор на Караманови поетски средби
Центарот за култура „Ацо Караманов„ Радовиш и Управниот одбор на Карамановите поетски средби заедно со жири комисијата за избор на најдобри поетски ракописи добиени по конкурс за 47 Караманови поетски средби ја информираат јавноста дека:
- Книжевната награда „Карaманов 2020„ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори коишто пишуваат на македонски јазик, со мнозинство гласови, ја добива поетскиот ракопис под насловот „РАЗДЕН„ од писателката КРИСТИНА НИКОЛОВСКА.
Образложение од страна на Жири комисијата во состав: Борче Панов – претседател и Славчо Атанасов и Јовица Илиќ – членови:
„На годинашниот конкурс за наградата „Караманов 2020„ се јавиле 25 поети со свои необјавени поетски ракописи. Од селектираните пет најдобри ракописи во најтесен избор: „РАЗДЕН„ од Кристина Николовска, „СЕЗОНА НА ПЕЛИНОТ„ од Љубинка Донева, „ЉУБОВНА БЕЛИНА„ од Христо Петрески, „ЦЕЛИНА НА ГЛАСОВИТЕ„ од Искра Пенева и „СЕДУМ„ од Ирена Јурчева, поетскиот ракопис РАЗДЕН се издели од останатите ракoписи со свoјата оригинална мозаична оркестрација и вивисекција на македонското секојдневие со универзални пораки за животните воздигнувања и промашувања, но и исклучителните вредности, сонувања и неуморното себесложување.Со динамичен и жив јазик таа иронизира, полемизира, но и ја слави инкантацијата на зборот, поради што целата стихозбирка „Разден„ добива тоналитет на една химнична егзалтација на поетскиот говор.„
Центар за култура „Ацо Караманов Радовиш
Директор Изабела Ангелова
Управен одбор на Караманови средби
Претседател Борче Панов
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови