ПРАВОСЛАВНИТЕ ХРИСТИЈАНИ ВО МАКЕДОНИЈА ДЕНЕСКА ГО СЛАВАТ РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО-БОЖИЌ

Денеска е голем ден за сите православни христијани. Се празнува Божик, кој се смета за еден од најголемите христијански празници зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос.

Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите.

Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“.

Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.

Значи, покрај Богородица и Јосиф, на Богомладенецот први му се поклонија пастирите. Токму ним ангелот Господов им ја соопшти веста дека се роди Спасителот на светот. Пастирите не беа повластени први да ја чујат таа вест затоа што беа најблиску до Витлеемската пештера. „Според светите отци, тоа се случи поради многу причини. Прво, поради чистотата на пастирите стекната преку нивнотоотшелништво и тихување. Второ, затоа што пастирите беа подражаватели и следбеници на живеењето и на добродетелите на старозаветните патријарси. Значи, пастирите не беа случајни личности.

Трето, за да се покаже дека Христос е вистинскиот пастир на израелскиот и на многубожечкиот народ. Четврто, за да се објави јасно дека Христос ги избра најпростите по срце и најприемчивите за да го примат ова откровение, а не лукавите книжици и фарисеи. Сето ова го покажува начинот што може секој да го употреби за да ја доживее тајната на Откровението.“

Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на коишто за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото којашто и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и којашто стоела кога тие одморале. „И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.“ (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во исто време човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи, пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.

Тропар
Рождество на нашиот Господ Исус Христос

Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот со светлина на знаењето; во неа, пак, оние што им служеа на ѕвездите од ѕвездата се учеа Тебе да Ти се поклонуваат, Сонце на правдата, и да Те познаат Тебе, исток на висините, Господи, слава Ти.

Кондак, глас трети:

Дева денес Го раѓа Оној што постоел од секогаш и земјата на недостапниот пештера му принесува. Ангелите со пастирите Го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто заради нас се роди Дете младо, Превечниот Бог.

 



Related Articles

Временска прогноза