1500.- Од Лисабон отплови португалскиот морепловец Педро Алварес Кабрал (1460-1526), кој на патот за Индија одалечувајќи се со своите бродовите од африканскиот брег во правецот кон Запад, кон копното на Јужна Америка, го открил Бразил, прогласувајќи го за португалска колонија.
1714.- Во Вајмак е роден Карл Филип Емануел Бах (син и ученик на Јохан Себастијан Бах), германски композитор. Компонирал симфонии, клавирски концерти и стотина клавирски сонати. Умрел во Хамбург, на 14 декември 1788 година.
1866.- Роден е рускиот физичар Пјотр Николаевич Лебедев, професор на Московскиот универзитет. Го проучувал притисокот на светлината, докажувајќи дека постои механички импулс кај светлосниот зрак, што е од големо значење за вселенските појави.
1869.- Во Париз умрел Хектор Берлиоз, француски композитор, творец на романтични музички дела и на француската модерна програмска музика. Извршил големо влијание на европската музика не само со своите композиции, туку и со своите статии и критики. Се сметал за основач на музичкиот романтизам. Најпознати дела: „Фантастична симфонија“, „Харолд во Италија“, „Бенвенуто Челини“ и драмската легенда „Проклетството на Фауст“. Роден бил во Париз, на 11 декември 1803 година.
1879.- Роден е германскиот хемичар и физичар Ото Хан, професор на универзитетите во Берлин и во Гетинген, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1944 година. Во 1957 година ја потпишал Гетингеншката декларација, одбивајќи да соработува во развојот на евентуалното западногерманско нуклеарно вооружување. Во 1938 година го докажал распаѓањето на радиумот, а во 1939 година заедно со Фриц Штрасман го открил нуклеарното цепење на јадрото на ураниумот. Ги открил и радиоактивните елементи на мезоториумот, радио-ториумот и заедно со Лиза Мајтнер протоактиниумот.
1895.- Родена е уругвајската писателка Хуанита Фернандес Морале, позната како Хуана Фернандес де Ибарбоуро, една од најистакнатите лирски поети во Јужна Америка, наречена „Хуана Америка“. Дела: збирки стихови „Дијамантски јазици“, „Див корен“, „Изгубена“, „Судбинска романса“.
1904.- Германија го ублажила антиезуитскиот закон од 1872 година, дозволувајќи враќање на одделни припадници на овој римокатолички ред.
1907.- Роден е грчкиот државник Константин Караманлис, претседател на Грција од 1980 до 1985 година, основач на партијата „Нова демократија“. Првпат станал претседател на влада во 1955 и на оваа позиција остана до 1963 година, кога доброволно емигрирал. Повторно составил влада во 1974 година, по падот на воената хунта, одигрувајќи клучна улога во обновата на грчката демократија.
1910.- Врз основа на одлуката на Втората меѓународна конференција на жените социјалистки, одржана во Копенхаген, Данска, во август 1910 година, 8 Март се слави секоја година како меѓународен Ден на жената. На оваа конференција по иницијатива на Клара Цеткин, било решено 8 Март да се одбележува во спомен на демонстрациите на американските жени во 1903 година, кои се одржале под паролата – Борба за општо право на глас.
1917.- Во Петроград (денешен Санкт Петербург) со немири и штрајкови почнала Февруарската револуција. (Настанот се случи на 23 февруари според Јулијанскиот календар, кој тогаш бил на сила во Русија).
1917.- Умре Фердинанд Цепелин, германски генерал и конструктор на воздушни бродови (балони), според него наречени „цепелин“. Првиот воздушен брод летнал на 3 јули 1900 година. Роден бил на 8 јули 1838 година.
1921.- Во Мадрид анархистите го убиле претседателот на шпанската влада Едуардо Дата.
1930.- Умрел американскиот државник Вилијам Хауард Тафт, претседател на САД од 1909 до 1913 година, прв поранешен шеф на државата во американската историја кој од 1921 година до смртта бил претседател на Врховниот суд. Во текот на претседателскиот мандат воено интервенирал во Никарагва, која потоа била под американска окупација од 1912 до 1925 и од 1926 до 1933 година.
1931.- Русија и Турција потпишале спогодба за намалување на поморските сили во Црно Море.
1942.- Умрел кубанскиот велемајстор Хосе Раул Капабланка и Грауперо, светски првак во шах од 1921 до 1927 година. Загубил само една партија во периодот 1914-1924 година, по што е единствен во шаховската историја. Титулата ја освоил со победа над германскиот велемајстор Емануел Ласкер со 4:0, со 10 реми, а загубил од рускиот велемајстор Александар Аљехин, кој го победи со 6:3, со 25 реми. Дела: „Основи на шахот“, „Мојата шаховска кариера“.
1945.- Во Скопје првпат бил прославен Денот на жената. По тој повод во салата на Офицерскиот дом се одржал голем митинг.
1946.- Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија донел Закон за измена на името на Демократска Федерална Македонија. Според член 1 од овој Закон и врз основа на член 2 од Уставот на Федеративна Народна Република Југославија, името на Демократска Федерална Македонија се изменува и гласи: Народна Република Македонија. Според член 2 од истиот Закон имињата Народно собрание на Македонија, Президиум на Народното собрание на Македонија и Народна влада на Македонија, се изменуваат и гласат: Народно собрание на Народна Република Македонија, Президиум на Народното собрание на Народна Република Македонија и Влада на Народна Република Македонија.
1950.- Советскиот маршал Климент Ворошилов објавил дека Советскиот Сојуз извршил проба на атомска бомба, што предизвикало шок во САД, бидејќи Американците биле уверени дека единствено тие поседуваат нуклеарно оружје. Голема паника во Вашингтон предизвикала и изјавата на Ворошилов дека пробата била извршена уште на 23 септември 1949 година.
1957.- Гана била примена за членка на ООН.
1965.- Во Јужен Виетнам биле распоредени 3.500 американски маринци, со што почна масовното вклучување на американските копнени трупи во виетнамската воена авантура која заврши со целосен пораз во 1975 година и со загуба на повеќе од 58.000 Американци.
1965.- Во Скопје, на ракометното игралиште „Пролет“ се одиграл првиот турнир во мал фудбал во Македонија. Во конкуренција на шест екипи, првото место го освои ФАС „11 Октомври“.
1971.- Умрел американскиот филмски актер Харолд Лојд, еден од најголемите комичари на немиот филм. Филмови: „Сигурноста на последно место“, „Бруцош“, „Чувај се, професоре“.
1983.- Умрел англискиот композитор Вилијам Тарнер Волтон, творец на чувствителна и лирска музика со неоромантичен стил. Особено е значаен по оркестарските композиции кои се одликуваат со долга мелодиска линија, богата со хармонија и сложен ритам. Дела: мелодрамата „Фасада“, „Концерт за виолина“.
1991.- Радио Скопје почнало да емитува програма на влашки јазик.
1999.- Умрел американскиот спортист Џо Ди Маѓо, легендарен бејзбол-играч во њујоршкиот тим „Јенки“.
2000.- Во Кина бил погубен поранешниот провинцијален вицегувернер Ху Чангчинг поради подмитување. Тој бил највисокиот функционер погубен во оваа земја за последните 50-ина години.
2001.- Тричлениот совет на чилеанскиот апелационен суд со 2:1 пресудил дека на поранешниот диктатор Аугусто Пиноче може да му се суди за кршење на човековите права по воениот удар кој го извел во 1973 година во кој бил убиен демократски избраниот шеф на државата Славадор Аљенде.
2003.- Убиен бил еден од основачите и водач на оруженото крило на палестинското исламистичко движење „Хамас“ – Ибрахим ел Макадма. Во ракетниот напад на израелскиот хеликоптер на Макадминото возило во појасот Газа биле убиени и тројца негови телохранители.
2005.- Во акцијата на специјалната руска полиција во северен Кавказ, во местото Толстој-Јурт, бил убиен Аслан Масхадов, водач на чеченските сепаратисти, еден од најзлогласните терористи на просторите на поранешниот Советски Сојуз.
2007.- Израелскиот министер за здравство Јакоб Бен-Јизри потврдил дека во болниците во Израел е присутна смртоносна бактерија и дека од почетокот на годината до тогаш предизвика смрт кај 200 луѓе. Се верувало дека во прашање е бактеријата „Klebsiella pneumoniae“, една од најотпорните бактерии на антибиотици, безопасна за здравите луѓе, но фатална за пациентите со заслабен имунитет.
2016.- На 90-годишна возраст починал продуцентот на прославената ливерпулска четворка „Битлси“, Џорџ Мартин, честопати нарекуван и „петти член“ на групата. Мартин бил продуцент на повеќе од 700 нумери на „Битлси“, но имал работено како продуцент и со цела низа познати пејачи и групи, како Ширли Бејси и Сила Блек, „Гери енд Пејсмејкерс“, Стинг, Селин Дион, со оперскиот пејач Хозе Карерас, како и со џезистот Стен Гец. Во 1997 година, Мартин бил продуцент на новата верзија на хитот на Елтон Џон „Candle in the Wind“, што е досега најпродаваниот сингл во музичката историја.
2017.- Почина претставникот на повоената генерација македонски архитекти, професор архитект Славко Брезоски, чие авторско присуство е одбележано во знакот на Модерната. Меѓу позначајните негови остварувања се објектите на Соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Стоковна куќа и Комунална банка во Скопје, Работнички дом (Дом на синдикати) во Скопје, амбасадата на СФРЈ во Бразилија, хотел „Славија“ на Попова Шапка, хотел „Неда“ во Галичник, спомен дом на Шамарица во Хрватска и многу други. Добитник е на први награди на повеќе домашни и меѓународни архитектонски конкурси. Носител е на наградите „11 Октомври“ на Република Македонија, „13 Ноември“ на град Скопје, наградата за животно дело и особени достигнувања од областа на архитектурата и градителството „Андера Дамјанов“, признание за исклучителен придонес во развојот на инженерската струка во Република Македонија од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови