НАБЛИЖУВА ДАТУМОТ ЗА ПРВИОТ КРУГ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ


Како што се наближува датумот за првиот круг за претседателски избори, што ќе се одржат на 24 април, на така се засилува и реториката на кандидатите за шеф на државава. Претседателските кандидати и денеска продолжуваат со средби со граѓаните и со митинзи во повеќе населени места.

Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Дојран, Валандово и во Гевгелија.

Максим Димитриевски, кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, ќе оствари средби со граѓани на Зелениот пазар во Скопје.

Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска ќе има средби со граѓани во Виница.

Кандидатот на Коалицијата Вреди Арбен Таравари ќе одржи прес-конференција кај плоштадот „Скендербег“, во Скопје, додека Форумот на жени на Коалицијата Вреди ќе одржи Регионална конференција на тема „Жените во одлучувањето како квалитет на демократијата“.

Стево Пендаровски, актуелен претседател кој се трка за втор мандат, денеска ќе биде на средби со жителите на Чашка и Свети Николе, додека централниот митинг ќе го одржи во Велес.

Претендентите за Вила Водно и вчера на средбите со граѓани и на вечерните митинзи синоќа испратија ветувања за подобар живот, не избегнувајќи ја реториката со меѓусебни обвинувања.

Кандидатката на Левица, Ванковска, пред граѓаните на Центар и на Кисела Вода ја претстави својата изборна програма.

-Го добивме известувањето од Владата за денот на гласањето, кој е слободен ден само за јавната администрација. Сметам дека тоа е неправедно, не е фер услов. Практично, сите приватни работодавачи ќе можат да им оневозможат на граѓаните да го напуштат работното место, да излезат да гласаат, зависно од нивните околности, порача таа.

Според неа, тоа ќе ги дискриминира граѓаните, бидејќи на овој начин голем број граѓани, особено од Скопје, но кои потекнуваат од градовите во внатрешноста, нема да бидат во можност да го искористат правото на глас.

Идентитетот не се врзува за историјата  или за културата, туку се врзува за принципите и вредностите. Европски е да ги потсетите оние од Европската унија на темелните вредности  и принципи. Ако тие така се однесуваат, тогаш ние ќе веруваме во иднината во Европската унија, рече пред прилепчани претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на вечерашното обраќање од плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп.

Силјаноска Давкова рече дека говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, но не доликува воопшто на социјалдемократска партија.

-Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријалхалност и парохијалност, а така гледа на жените и на возрасните. За мене возраста значи мудрост, знаење, искуство. Не плашете се за мене, јас сум сосема во ред, и психички, и физички. Орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, ама никако да се појават пред одговорни новинари, рече пред прилепчани кандидатката за претседател Гордана Силјаноска Давкова.

Пендаровски рече дека единствениот вистински пат, единствената гаранција за нашата перспектива, иднина, судбина и единствената надеж за младите е западниот пат и западната Алијанса.

 

 



 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

About the author /


Related Articles

Временска прогноза