„Во Македонија има прогресивни и умни луѓе, луѓе кои сакаат европска иднина, а не враќање во минатото. Многу време и енергија вложивме за да стигнеме до тука, сега не смееме да се откажеме по ниедна цена“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот на Коалицијата за европска иднина што вечерва се одржа во Кочани.
„Повторно упатувам апел до сите прогресивни граѓани кои ѝ мислат добро на иднината на државата, масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и да изберат европска иднина со СДСМ и коалицијата, да гласаат ЗА Стево Пендаровски за претседател и заедно, да им кажеме одлучно НЕ на деструктивните сили кои освен заговори за внатрешни конфликти и поделби, надворешни изолации и блокади, друго и ништо не знаат“, рече Ковачевски.
Лидерот на СДСМ и носител во ИЕ 1 побара поддршката од граѓаните, упатувајќи порака дека преголема моќ за ВМРО ДПМНЕ ќе значи крај на ЕУ перспективите на Македонија.
„СДСМ мора да биде силна во Собранието, затоа што нашите пратеници институционално ќе ја водат битката со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е она исто ВМРО што изгради бел дворец во центарот на Скопје и од таму владееја како кралеви, без чувство за одговорност пред кого било, освен пред самите себе. Тоа е истото ВМРО што владееше насилно и автократски, испокраде од државата сѐ што можеше да се испокраде и сега, истите тие, зборуваат како пак ќе ја направеле Македонија горда.“
Ковачевски истакна дека СДСМ на овие избори оди заедно со граѓаните кои веруваат дека Македонија има капацитет да изгради подобра иднина, кои веруваат во идејата за европска Македонија и кои се подготвени да се борат за таа иднина.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови