Резултати за Книжевната награда „Караманов 2024“ за Македонски автори и за Интернационална книжевна награда

Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш заедно со ОНБ „Браќа Миладиновци“ – Радовиш и жири комисијата за избор на најдобри поетски ракописи добиени по конкурс за 51 Караманови поетски средби во состав: проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска – претседател и Борче Панов и Славчо Атанасов – членови ја информираат јавноста дека:

  1. Книжевната награда „Караманов 2024“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори коишто пишуваат на македонски јазик, едногласно, ја добива поетскиот ракопис со наслов „НОВОЖЕНСТВО“ од поетесата ИРЕНА ПАВЛОВА ДЕ ОДОРИКО.

Образложение од страна на жири комисијата:

„На годинашниот конкурс за наградата „Караманов 2024“ се јавија 17 поети со свои необјавени поетски ракописи. Од селектираните два најдобри поетски ракописи во најтесен избор: „НОВОЖЕНСТВО“ од  ИРЕНА ПАВЛОВА ДЕ ОДОРИКО  и  „ПРИСТОЕН ПРЕДЛОГ и други песни“ од ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ, жири комисијата го наградува поетскиот ракопис  „НОВОЖЕНСТВО“ од поетесата ИРЕНА ПАВЛОВА ДЕ ОДОРИКО. „НОВОЖЕНСТВО“ е храбра поезија која не се бори за женските права, туку нè соочува со историските предрасуди на еден свет кој бил проектиран како претежно машки свет, а кој денес се повеќе еродира како таков и среде ова се поставува женската перцепција за жената и како реален и еволуциски и телошки коректив на една цивилизација и колку и да е лудистички овој поетски ракопис, неговата необичност и оригиналност плени со естетиката на една нова реалност.

 

Жири комисјата ја наградува и книгата „ПРИСТОЕН ПРЕДЛОГ и други песни“ од Тихомир Јанчовски со Специјална награда Караманов 2024 г. заради исклучителните вредности на стихот како сведоштво и одбрана на  хуманизмот и бескрајната добрина на човекот чие срце е како тупаница во градите и кое одвнатре е химна на доброто со дупка која нема дно и крај на добрината и ги реафирмира човечките вредности,  бидејќи од сиот жив свет „само човекот може да љуби и зборува“.

  1. Селекторите Борче Панов и Даниела Андоновска-Трајковска за доделување на интернационалната книжевната награда „Ацо Караманов 2024“ овогодинашната награда и ја доделуваат на руската поетеса и преведувач Олга Панкина за нејзината книга „Меѓусебна потрага“ со следното образложение:

Во поезијата на Олга Панкина преку живи и смели метафори и како на филмска лента многу луцидно, храбро и без влакна на јазикот е оживеан мигот на постоењето во светот кој сè повеќе станува виртуелен отколку реален. Стихот е метрички и е исполнет со богата и сложена рима, нешто што е реткост во денешно време и се доживува како возвишена поезија на духот кој е буден и освестен и покрај тоа што живее во време невреме. Поетските слики се извонредно богати и експлозивни и на фигуративен начин ја претставуваат реалноста и уникатниот поглед на свет. Македонија со своите природни, културни и историски богатства е чест мотив во поезијата на Панкина и токму заради тoa може да се рече дека таа не само преку своите препеви и преводи, туку и преку своето поетско перо ја промовира Македонија и меѓу македонците, но и насекаде низ светот како книжевен амбасадор кој тоа го прави со голема љубов и посветеност. Има и песни кои се гротескно хумористични со кои поетесата на луциден начин истакнува философски поенти за смислата на постоењето на човекот и улогата на поимот за Бог во развојот на човековата цивилизација. Оттука, Олга Панкина и покрај класичниот стих што го негува, ја доживуваме како модерна поетеса која има храброст да го отчука своето срце во метриката на стихот и да ни го прикаже светот во неговата опачина преку демистификација на мигот кој трае во сегашноста.

 

 

 

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

About the author /


Related Articles

Временска прогноза