• Услови за користење
  • Импресум

25 Август 1897 година – „ДЕДИНСКА АФЕРА“

Радовишка околија: ДЕДИНО


25 Август 1897.- Во атарот на селото Дедино, Радовишко, раководителот на револуционерната организација од Радовиш, учителот Тодор Станков, заедно со селската полиција убија двајца Турци колџии, а главаторот на колџиите, злогласниот Агато, ранет успеал да избега и да ги извести властите. Уште истиот ден Дедино беше блокирано од Турците, а селаните беа подложени на мачење. Притоа, во селото беше откриено оружје и муниција, а беа затворени 123 селани од Дедино и четворица од селото Ињево и однесени во скопскиот затвор „Куршумли-ан“, каде што беа испитувани и осудени заедно со затворениците од „Виничката афера“. Овој настан е познат како „Дединска афера“.


 

Дедино — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 716 жители, со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.. Дедино е познато како значајно место од времето на Илинденското востание, кога во него била изградена пушкарница, а добар дел од населението директно учествувало во востанието.

Селото Дедино се наоѓа на територијата на Општина Конче, на превалот (превојот), односно на сртот на планината Смрдешник, помеѓу Радовишкото Поле и горното сливно подрачје на Крива Лакавица. Иако има ваква специфична местоположба на самата граница помеѓу Радовишкото Поле и Лакавичко, сепак според кажувањата на самите жители и според географските и етнографските одлики, Дедино припаѓа на Лакавицата, па поради тоа во минатото било преместено од рамките на некогашната општина во Ињево во Конче. Дедино е ридско село кое се наоѓа на надморска височина од 689 метри. Селото се наоѓа на планината Смрдешник заобиколено со неколку ридови. Низ селото минува регионалниот пат од Радовиш за општината Конче и го дели селото на два дела: Горно и Долно Маало. Од градот Радовиш е оддалечено 10 километри. Атарот е голем и зафаќа простор од 22,1 км2, на кои преовладуваат шумите на површина од 1.338,8 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 592,6 ха, а на пасиштата 248,1 ха.

Куќата во која престојувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Коста Мазнејков

Селото Дедино е многу старо село, едно од најстарите села во Радовишко и Лакавичко за што сведочат пишани записи уште од XIV век. Имено, тоа под истото име Дедино ( Дѣдино ) заедно со Ракитец, Конче, Лубница се споменати во еден пишан запис од 1366 година, кога била изградена познатата црква „Св. Стефан“ во селото Конче.

Во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година, Дедино се среќава во 2 записи, како чисто христијанско македонско село кое припаѓало во рамки на казата и нахија Струмица во состав на Ќустендилскиот санџак. Во првиот запис тоа е запишано како чифлиг на некој царски слуга во кое имало 14 укинати соколари и уште 21 христијанско македонско семејство кои произведувале 45 товари пченица, 53 товари мешано жито, леќа, наут, грав (од видот мердумек), градинарски култури, овошје, грозје, шира, сено, одгледувале свињи и пчели во улишта и кошници за што се остварувало приход од 5103 акчиња. Во вториот запис се наведени 21 македонско христијанско семејство, што соодвествува со првиот запис, кои произведувале 48 товари пченица, 40 товари мешано жито, леќа, градинарски култури, грав, грозје и шира, чувале свињи и пчели за што се остварувало данок од 4585 акчиња.

Куќата во која е изработена првата атска бомба

За селото Дедино во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека се наоѓа 2 часа на југ од Радовиш на планината Смрдеш, а низ него минувал патот од Радовиш за Криволак, што од една страна му носело полза, а од друга штета зашто низ него бил патот и на конечките Турци. Во тоа време на крајот на XIX век, селото имало околу 90 македонски куќи, а неговите жители – дединци се занимавале со земјоделство, произведувајќи крупна пченица и со сточарство, но главното занимање им било производството на вар. Дединци правеле вар кој го носеле во Штип, Радовиш и Струмица. Некогаш Дедино било чифлик, но во тоа време веќе било самостојно село чии давачки односно Спахилакот му изнесувал 370 лири, а во селото имало и до 5.000 глави добиток. Дедино има стара црква во која Ѓорче Петров ги пронашол следниве нешта: Евангелие од Теофилакт со запис на почетокот од еден поп од с.Дедино во кој се кажува дека во 1745 година станало чудо големо: едно јагне се продавало за три гроша, ока сол за пет пари, ока леб за една пара, па се појавиле многу глувци и змии „па беше стравотија“; и натпис на една црковна книга од зајачка кожа. Книгата во Радовиш ја купи стопан Богој.

На крајот на XIX век, селото било дел од Радовишката каза на Отоманската Империја. За селото се врзуваат неколку историски настани како што е изработувањето на првите бомби. Работилницата за рачни бомби во селото била отворена кон крајот на 1896 година, но била затворена во ноември 1897 година.[8]. Во време на национално-ослободителното револуционерно движење во селото Дедино отседнале и престојувале двајцата македонски револуционери – великани, Гоце Делчев и Јане Сандански. Во 1897 година, во Дедино и Ињево се одвила Радовишката афера на МРО.. На 25 август во Дедино, настанало убиство на двајца собирачи на такси за тутунот, кои посвоите зулуми станале несносливи за народот. Со ова убиство настанала таканаречената „Дединска афера“. Собирачите на данокот за тутун правеле многу пљачки низ селата, поради што месното раководство на ТМОРО во Радовиш донело решение да бидат спречени со сила, при што селската милиција во Дедино ги опколила и двајца од нив убила. Главатарот на групата бил ранет и успеал да избега, по што ја известил војската во Радовиш која го опсадила дедино, при што во селото започнале претреси по куќите каде биле откриени скалдови со оружје и муниција, малтретирања и апсења во кои биле затворени 116 селани, а 123 биле измачувани. Дединската афера се проширила и на соседното село Ињево, а предизвикала цела низа афери, со што македонското националноослободително движење претрпело значителни штети.

Куќата во која се лиени куршуми за Илинденското востание

Според преданијата името го добило па некои дедо и внук кои живееле во оваа месност. Името на селото Дедино е многу старо со најстара потврда, запишано со истиот облик Дѣдино од 1366 година, а според научните толкувања тоа доаѓа од зборот дедо или личното име Дедо, Деде. Имајќи предвид дека во постарите средновековни времиња, па и до денешни дни за свештеници и верски великодостојници – владики се вели дедо, поради средишната значајна местоположба можно е Дедино да било седиште и живеалиште на некој дедо-владика од каде го добило името Дедино – село, место.

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 700 жители, сите Македонци. По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Дедино имало 800 Македонци.

Според пописот од 2002 година, селото имало 716 жители, сите Македонци. Иако во последниот попис и во селото Дедино се забележува намалување на жителите поради миграцијата град-село, сепак сè уште во селото живеат повеќе лица отколку на првиот попис во 1948 година и со тоа претставува едно од ретките села во Македонија каде не се намалил бројот на жителите.. Во периодот од 30 години бројот на жителите се зголемил за 100, односно во 1961 Дедино броело 675 жители, а во 1994 бројот се зголемил на 779 жители.

Споменик за паднатите жртви од селото Дедино во НОБ и за првите бомби налеани, кои биле употребени во Илинденското востание

 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови за користење

 

Related Articles

Временска прогноза