ИЗБОРНАТА КАМПАЊА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ГО ЗАОКРУЖИ ДВАНАЕСЕТТИОТ ДЕН


Со презентација на програмите на средби со граѓани и митинзи, денеска продолжува изборната кампања на претседателските кандидати за првиот круг од изборите на 24 април.

 

Кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски денеска ќе ги посети скопските општини Сарај, Чаир и Ѓорче Петров, а митинг ќе одржи во општина Гази Баба, додека кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Кривогаштани, Крушево и Прилеп.

 

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски синоќа одржа средби со граѓаните во Кратово и Старо Нагоричане, каде порача дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска – Давкова немаат идеја, ниту план за тоа што да прават со евроинтегративниот процес. На митингот во Крива Паланка рече дека ако ја добие довербата на грѓаните, државата ќе продолжи сигурно кон Европа.

Кандидатот за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова  ги посети општините Петровец и Центар, а вечерта се обрати на митингот во Кисела Вода од каде ја испрати пораката дека ако биде избрана за шеф на државата, нема да прави никаква разлика меѓу граѓаните, по ниту една основа, партиска, етничка, верска или социјална, туку напротив, како што рече, ќе ги обединува и ќе ги претставува сите подеднакво. 

– Легитимитетот на претседателот треба да извира од граѓаните и тоа е најдоброто решение за демократијата. Таа повтори дека е против шефот на државата да се бира во Собранието. Потенцира и дека земјава сака да биде дел од европското семејство каде историски, географски и културно припаѓа, но само доколку се почитува нејзината различност, како што се респектираат различностите на членките на Унијата и на другите кандидати за членство.

 

Кандидатот за претседател на Европскиот фронт Бујар Османи оствари средби со жителите од повеќе населени места од кривогаштанскиот и од долненскиот регион.

Билјана Ванковска, кандидатката за претседател на државата предложена од партијата Левица вчера на митингот во Кавадарци на присутните им посочи зошто би била подобра од нејзините противкандидати. 

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Скопје, на три локации во централното градско подрачје и пред граѓаните во Гостивар, каде вечерта ќе одржи митинг. 

Коалицијата Влен (Вреди) ги одложи вчерашниот митинг во Гостивар и сите денешни активности на претседателскиот кандидат Арбен Таравари поради тоа што во сообраќајна несреќа загина младиот гостиварец Е.А. 

 


 


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови

 

Погледнете повеќе

Повеќе информации