Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски денеска официјално ќе го започне својот мандат. Во Владата е предвидено примопредавање на премиерската функција од досегашниот претседател на техничката влада, Талат Џафери, по што двајцата ќе имаат кратка средба.
Церемонии за примопредавање на функциите ќе се спроведат и во министерствата меѓу министрите од техничката Влада и новоизбраните министри.
Собранието по дводневна расправа синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскиот фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.
Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски. Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.
Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава при што заклетвата ја положија користејќи го уставното име на државата.
Мицкоски во своето експозе пред гласањето за новата Влада рече дека во првите 100 дена Владата ќе има напорна работа, дека ќе работи на намалување на даноците, зголемување на пензиите, дека Владата ќе отпочне проект со над 200 милиони евра за општинските, една милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до пет проценти на македонската економија и почеток на капитални инфраструктурни проекти. Мицкоски нагласи дека ова ќе биде влада за народот.
Обвинувањата од опозицијата во изминатите два дена, рече дека ги смета за депласирани и надвор од она што е интерес на граѓаните и оти тие биле дефокус од нивните реални проблеми.
Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови