Денеска во раните утрински часови (04.00 часот) осум члена екипа на ТППЕ Радовиш, екипа од ТППЕ Струмица и дваесетина припадници од Македонски шуми од Струмица и Радовиш заминаа на тешко пристапниот терен на тромеѓјето меѓу Радовиш, Струмица и Берово на Планината Готен.
Огнот неколку денови дивее на овој предел, а денес се прават сита напори со пробивање на патиштата со машини да се успее да се ликвидира.
На пожарот директно дејствува еден хеликоптер и два авиона канадери.
Пожарникарите и учесниците во гаснењето на пожарот се во добра состојба.
Според последните податоци на Центарот за управување со кризи, до утрово во земјата регистрирани се вкупно 33 пожари на отворен простор. Од нив, еден пожар е активен, четири се под контрола, а 28 пожари се целосно изгаснати.
Единствениот активен пожар е во општина Василево, во селото Нивичино на Готен, каде гори нискостеблеста шума.




