Интервју: Љупче Почивалец – Кандидат за Градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ

Информативниот медиум, порталот Радовиш Нјуз согласно уредувачките политики во наредниот период ќе објави интервјуа на кандидатите кои се номинирани за Локалните избори 2025.

Целта на овие интервјуа е граѓаните подобро да се запознаат со дел од нивните програми, визија и приоритети кои ќе ги понудат на овие локални избори!


Интервју со Љупче Почивалец кандидат за градоначалник на Општина Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“

Љупче Почивалец, во интервју за информативниот портал Радовиш Нјуз за идниот настап на Локалните избори, за очекуваните резултати на ВМРО-ДПМНЕ за општина Радовиш, и за проектите и идеите кои ќе бидат опфатени во програмата за радовишани.


Радовиш Нјуз: Кои се плановите на ВМРО-ДПМНЕ за иден настап на локалните избори?

Љупче Почивалец: ВМРО-ДПМНЕ секогаш како партија е насочена кон и за граѓаните, силно веруваме дека секој граѓанин треба да биде слушнат и секое населено место посетено. Тоа и ќе го направиме во периодот кој следува. Нашата програма и планови се амбициозни и остварливи – тие се темелат на транспарентност, одговорност и посветеност. Целта ни е заеднички да изградиме локална заедница со која нема само да се гордееме, туку во која ќе сакаме да останеме, да живееме и да напредуваме, каде што одговорноста и отчетноста се темел на секоја одлука.

 

Радовиш Нјуз: Каква е визијата на Љупче Почивалец за Радовиш?

Љупче Почивалец: Мојата визија за Радовиш е јасна – Радовиш да биде општина која е модерна, економски развиена, зелена и одржлива, каде што секој граѓанин има можност да напредува, а секое семејство да живее достоинствено. Лично сметам дека е многу важно да обезбедиме континуитет во развојот на градот Радовиш и општината и истовремено да започнеме нови проекти кои ќе го подобрат секојдневието на граѓаните. Се фокусираме на три клучни области: зајакнување на локалната самоуправа, подобрување на животните услови и долгорочен економски напредок.

 

Радовиш Нјуз: Вие имавте ден на идеи во Радовиш со граѓаните, дали може да ни насочите дел од проектите и идеите кои ќе бидат опфатени во Вашата програма.

Љупче Почивалец: Да, имавме одличен Ден на идеи во Радовиш заедно со граѓаните. Разговаравме отворено за нивните потреби, предлози и визии за иднината на нашата општина. За мене ова беше многу инспиративен настан – добивме вредни насоки од самите граѓани, а тоа ми даде уште поголема мотивација да ја реализирам програмата која ќе биде насочена кон реални и мерливи цели. Во мојата изборна програма, понудена на граѓаните, тие идеи и предлози веќе се вградени. И истите наскоро ќе бидат презентирани.

Суштината е едноставна – секоја наша мерка е биде конкретна, остварлива и во служба на граѓаните. Верувам дека само на овој начин можеме да успееме во нашата намера и заедно да ја изградиме иднината на Радовиш.

 

Радовиш Нјуз: Врз основа на вашите анкети и предвидувања, кој е вашиот очекуван резултат за изборот на советници од советничката листа и кој резултат го очекувате како кандидат за Градоначалник.

Љупче Почивалец: Во однос на советничката листа очекувам стабилен резултат и мнозинство во советот, сметам дека нашите советници ќе освојат значаен број на гласови, што ќе ни овозможи да формираме стабилно и ефективно советничко тело.  Тоа се луѓе докажани на професионален план, пред се почитувани и чесни во локалната заедница.

За изборот на градоначалник очекувам победа во првиот круг- Очекувам да освоиме гласови не само од традиционалните поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, туку и од оние кои сакаат нова енергија и напредок за нашата општина. Овој мој став е основан на реакциите од анкети, секојдневни контакти и средби со граѓаните. Убеден сум дека со поддршката на граѓаните ќе ја обезбедиме победата уште во првиот круг и ќе ја донесеме вистинската промена во нашата општина.

 


 

Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови


 

Погледнете повеќе

Повеќе информации