• Македонија
  • Услови за користење
  • Импресум

8 СЕПТЕМВРИ – „ДЕН НА НЕЗАВИСНОСТА НА МАКЕДОНИЈА“

Република Македонија денеска го одбележува „Денот на независноста“ – од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина… Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно­правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. 


 


Преземањето содржини и фотографии од порталот RadovisNews.mk значи дека давате согласност на нaведените Услови за користење

 

Related Articles

Временска прогноза